Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер се подготвува за деветтиот натпревар во Лигата на шампионите, а тоа е соочувањето со Магдебург закажано за утре од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.
Магдебург е актуелен европски шампион, тим кој игра без грешка во досегашниот тек и има осум од осум, па во таборот на „зелено-белите“ се свесни што ги очекува, а во исто време се оптимисти и веруваат дека ќе се прикажат во најдобро светло.
- Мора да обратиме внимание на нивниот контра напад и брзата игра. Постигнуваат многу голови со многу трчање. Лесно е да се каже дека тоа може да се сопре, треба да се реализира на терен и да се биде максимално фокусиран. Верувам дека ќе биде поинаку за разлика од првиот меч. Најмногу заради тоа што играме на домашен терен. Не е лесно да се игра тука, во оваа атмосфера, - порача тренерот Рубен Гарабаја.
Германскиот клуб го доби првиот меч со 36:26.





