[ФОТО/ВИДЕО] Судијата кој поднесе оставка: „Мис Мексико е лажна победничка, таа победи поради деловни интереси“

Точка

21/11/2025

17:04

1.032

Големина на фонт

а а а

Изборот за Мис Универзум 2025 го потресе скандал без преседан. Новоизбраната победничка, Фатима Бош од Мексико, еден од судиите ја прогласи за „лажна“, а своите обвинувања ги изнесе јавно на Инстаграм.

Станува збор за Омар Харфуш, кој се повлече од жирито само неколку дена пред финалето.

Шокантни обвинувања од поранешниот судија

Харфуш тврди дека победата на мексиканската претставничка била однапред договорена поради деловни интереси. Во својата објава тој навел: „Мис Мексико е лажна победничка“. Тврди дека 24 часа пред крунисувањето во ексклузивно интервју за американскиот „HBO“ открил дека токму таа ќе победи поради деловната позадина.


„24 часа пред финалето на Мис Универзум реков дека Мис Мексико ќе победи – затоа што сопственикот на Мис Универзум, Раул Роча, е во бизнис со таткото на Фатима Бош“, изјавил Харфуш.

Тој додал дека сопственикот на организацијата вршел притисок врз него. „Раул Роча и неговиот син ме убедуваа пред една недела во Дубаи да гласам за #Фатима Бош, затоа што им е потребна нејзината победа „бидејќи тоа ќе биде добро за нашиот бизнис“, ми рекоа!“

Зошто Харфуш се повлече?

Либанско-францускиот композитор беше првиот од осумчленото жири што поднел оставка, а како главна причина навел „тајно гласање“ и неможност да учествува во нелегитимен процес.

„Одлучив да се повлечам од улогата на финален судија на Мис Универзум 2025 и сметам дека е важно да објаснам зошто“, напишал тој во објава. Како прв мотив го навел тајното гласање. „Два дена пред финалето се одржа тајно гласање за предизборот на 30 натпреварувачки од 136“, појаснил, истакнувајќи дека гласале лица кои не биле официјални судии.


„До денес никој не знае кои се избраните 30, освен една личност која ги поседува резултатите. Таа иста личност е поврзана со националната организација на земјата учесник – што е јасен конфликт на интереси“, порачал поранешниот член на жирито.

Харфуш заклучил дека не можел да учествува во таква „претстава за јавноста“. „Не можев да стојам пред јавноста и телевизиските камери, претворајќи се дека легитимирам гласање во кое никогаш не сум учествувал“, рекол и предупредил дека таквиот процес би можел да ги оштети кандидатките кои се борат за важни цели. „Некои од земјите елиминирани преку овој процес можат да бидат во војна, дискриминирани или геополитички чувствителни. Публиката би претпоставила дека жирито ги донело тие одлуки, а јас не можам да сносам одговорност за процес во кој не сум учествувал. Претворањето дека е поинаку би било нечесно.“

Организацијата Мис Универзум ги негираше обвинувањата

По оставката на Харфуш и сериозните обвинувања, Организацијата Мис Универзум (MUO) се огласи со соопштение во кое негира дека „импровизираното жири“ однапред ги избрало финалистките.

„Организацијата Мис Универзум повторува дека сите процедури за оценување за 74-то натпреварување Мис Универзум остануваат официјални, транспарентни и целосно спроведени според протоколите на „MUO“. Програмата „Beyond the Crown“ функционира независно и не е дел од процесот на оценување на натпреварот“, стои во нивното соопштение.


Харфуш, меѓутоа ја критикувал нивната изјава, тврдејќи дека со тоа „практично го признаа“ обвинувањето и дека никогаш претходно не слушнал за споменатата програма.

„Пол Роча и организацијата Мис Универзум, токму во официјалното соопштение го признаа постоењето на тајниот ентитет наречен 'Beyond the Crown', кој елиминирал 100 натпреварувачки на завршната церемонија. За мене, Омар Харфуш, член на жирито на Мис Универзум, сметам дека тоа е незаконски“, напишал тој во својот одговор.

Снимање документарец за наводната измама

Целата приказна ќе добие и свој епилог на малите екрани, бидејќи наградуваниот режисер Пат Меки снима документарец за наводната измама на изборот. Харфуш најави дека „сите детали ќе бидат прикажани во мај 2026 година на ‘HBO’“. Организацијата Мис Универзум сè уште не се огласи во врска со обвинувањата дека победничката е „лажна“.