[ФОТО] Објавена листата на „најкул“ улици во светот: Таму се одвива вистинскиот градски живот

Точка

21/11/2025

09:57

1.658

Големина на фонт

а а а

Улицата Руа до Сенадо во Рио де Жанеиро, Бразил, се најде на врвот на најновата листа на списанието „Тајм Аут“ за „најкул улица во светот“.

Прошетката низ улиците е одличен начин да го почувствувате вистинскиот пулс на еден град – шетање низ продавници, запирање во кафулиња или седење во бар.

Како што пишува „Тајм аут“, улиците се местото каде што ќе го најдете „локалниот живот во неговата најавтентична форма“.


Токму ова е идејата зад годишната листа на „најкул улици“ – глобален преглед на шеталишта, премини и други урбани места.

Изданието за 2025 година е објавено, славејќи, како што рекол Грејс Берд за „CNN Travel“, начинот на кој „улиците претставуваат сè што го прави урбаниот живот брилијантен“.

За да ја состави листата, „Тајм аут“ се потпирал на својата глобална мрежа на уредници и новинари, а секои од нив предложиле делови од своите градови што заслужуваат внимание.

Овогодишниот победник: Руа до Сенадо во Рио де Жанеиро

„Тајм аут“ пишува дека оваа градска улица е преполна со новоотворени места кои внесуваат „свежа енергија“ во околината, со институции како што е „Армазем Сенадо“, дом на неделни самба свирки на отворено што ја полнат улицата.


Лујз Фелипе Бернардо, кој го води Инстаграм водичот „RIO DESTAQUE“, за „CNN Travel“ изјавил дека вклучувањето на улица од Рио на листата е „огромна гордост“ за локалното население.

„Руа до Сенадо“, како што рекол, ја сумира „историјата, разновидноста и културното движење на градот кое никогаш не запира“.


Тоа е место каде што „се спојуваат музиката, гастрономијата, уметноста и единствената енергија“.

Што ја прави една улица „кул“?

Секако, факторите за „кул“ се субјективни, но уредникот Берд изјавил дека улиците на листата се „полни со независни бизниси, одлични места за јадење и забавни работи што треба да се прават“.

Архитектонски, нема заедничка нишка. Според Берд, не е важно дали станува збор за „пешачка патека покрај канал или за главна градска артерија“.


Пример: „Pacific Coast Highway“ во Малибу, кој се најде на 25-то место. Повеќето луѓе не би го нарекле „улица“ – тоа е класична рута за патување со автомобил на западниот брег. Но, „Тајм аут“ сугерира дека ако навистина го паркирате вашиот автомобил, таму можете да најдете многу нешта што вредат да се видат.

„Полн е со кул места за работа, јадење и пиење“, додал Берд, забележувајќи го „духот на заедницата“ што преовладал по јануарските пожарите во Палисејдс. „Тајм аут“ наведува дека заедништвото и креативноста на улицата се подеднакво важни како и баровите и кафулињата.

Кој друг се најде на листата?

На второто место е улицата „Оринџ“ во Осака, Јапонија, поранешен центар за антиквитети што сега комбинира улична облека, ретро продавници, јадење на отворено и впечатливи коктели.


Третото место го освои „Руа до Бонџардим“ во Порто, Португалија, со продавници за традиционална храна, хотели – вклучувајќи ја поранешната фабрика за сапуни „Торел Сабоарија“ – и ресторани како што е уметничкиот „Ото“. Неговиот сопственик, Бруно Амарал, за „CNN Travel“ изјавил дека е „навистина возбудливо“ да се види улицата на листата и се надева дека тоа ќе „охрабри повеќе луѓе да го откријат нејзиниот шарм“.


Улицата „Фангуа“ во Ченгду е на четвртото место како „главна градска улица за набљудување луѓе“.


Улицата „Шербрук Вест“ во Монтреал, највисоко рангираната улица во Северна Америка, ги заокружува првите пет. Вклучена е во листата поради историските згради, музеите и академската атмосфера на Универзитетот Мекгил и неговиот литературен фестивал „Blue Metropolis“.

Поранешната студентка на Мекгил, Кетрин Дејвидсон, за Си-ен-ен рекла дека улицата е „блиску до многу од она што го прави Монтреал прекрасен“, од кафулиња на тераса до Музејот на ликовни уметности.