Истражувачи од Велика Британија развиле тест на крвта кој со помош на убод со игла може да открие рани знаци на болести повеќе од една деценија пред да се појават симптомите.
Тестот користи детални молекуларни профили на крвта за да го предвиди ризикот од болести како што се дијабетес, срцеви заболувања, рак и деменција, пишува Гардијан.
Студијата е дел од проектот на британската Биобанка, во чии рамки биле анализирани речиси 250 различни протеини, шеќери, масти и други молекули во крвта на половина милион волонтери.
Со комбинирање на овие податоци со медицински картони и регистри на смртни случаи, научниците можат да добијат попрецизна слика за физиологијата на една личност и да препознаат рани знаци на болест.
Докторот Џој Едвардс-Хикс од Универзитетот во Единбург истакнал дека овие тестови ќе овозможат превенција на болести пред да се појават симптомите.

„Ако имаме рани предиктори на болеста, можеме да го предупредиме лицето во четириесеттите години за потенцијалните ризици и да го советуваме за промени во животниот стил“, истакнал тој.
Тестовите вклучуваат мерење на метаболити во крвта, како што се шеќери, аминокиселини, масти, хормонски прекурсори и отпадни производи од метаболизмот.
Промените во овие профили можат да укажуваат на оштетување на органите – на пример, покачениот амонијак може да сигнализира проблем со црниот дроб, додека зголемената уреа и креатин може да укажуваат на оштетување на бубрезите.
Британската Биобанка, која почна со регрутирање волонтери во 2006 година, сега им овозможува на научниците да комбинираат медицински картони, снимки и метаболички профили за да идентификуваат рани знаци на болести, да го следат нивниот развој и да ја проценат ефикасноста на третманот, пренесува Танјуг.







