Коалицијата ВЛЕН изрази длабока загриженост поради турбуленциите во албанскиот опозициски блок, оценувајќи дека актуелните случувања не ѝ служат ниту на демократијата, ниту на политичката стабилност, ниту на интересите на граѓаните.
Претставникот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани, истакна дека демократските процеси се темелат на отворена дебата и силна опозиција, но дека актуелните настани „не наликуваат ниту на опозиција ниту на стабилност, туку на тивок распад и целосно губење на политичкиот компас“.
Тој потсети дека во краток период НАИ се соочи со последователни заминувања на клучни имиња, како Мендух Тачи, Арјанит Хоџа и најново — Зијадин Села, кој беше еден од столбовите на опозицискиот камп.
„Ова не се случајни движења, туку знаци на политичка структура што се распаѓа и ја губи својата ориентација“, наведе Сулејмани.
Тој додаде дека ВЛЕН не се радува на оваа состојба, бидејќи „на системот му е потребна силна, одговорна и кохерентна опозиција — не опозиција на парчиња што се дели секоја недела и се плаши од дебата и транспарентност“.
Сулејмани посочи дека слабата опозиција не му штети на ВЛЕН, туку на политичкиот систем, нарушувајќи ја демократската рамнотежа и оставајќи ги граѓаните без вистинска алтернатива.
„Ги повикуваме сите политички субјекти што се нарекуваат опозиција да ја вратат разумноста, сериозноста и одговорноста што ги бара моментот“, рече тој.
Сулејмани порача дека ВЛЕН е подготвен да соработува со секоја политичка сила што е насочена кон реформи, ги почитува институциите и работи во интерес на граѓаните.
„ВЛЕН ќе продолжи по патот на промените, но овој пат е поправеден и подемократски кога ќе се соочи со функционална опозиција, а не со опозиција што се распаѓа пред очите на народот“, заклучи Сулејмани.
Претходно, Алијансата за Албанците, крилото на Зијадин Села, ја напушти коалицијата „Национална алијанса за интеграција“. Одлуката беше донесена на состанокот на Претседателството, каде што се дискутираше и за резултатите на локалните избори. Тие изразија задоволство од бројот на гласови и мандати на советниците, но незадоволство од резултатите за градоначалници. Според партијата, изборната трка била под влијание на државен инжинеринг и соработка на владејачките албански партии со македонските партии, со цел реализирање на платформата на ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, маргинализирање на Албанците. Иако се повлекуваат од НАИ, од Алијанса за Албанците на Села, велат дека ќе останат во опозиција во заштита на националната кауза на Албанците во Македонија.











