Балканот уште еднаш беше потресен по свирепото убиство на младата Алдина кое се случи на 16 ноември во центарот на Мостар.
32-годишната Алдина беше брутално убиена од страна на нејзиниот партнер Анис Калајџиќ којшто е фудбалски судија во Првата лига. Убиецот го извадил пиштолот, по што таа се обидела да избега и да се скрие во тоалетот на еден од угостителските објекти во близина.
Оттаму повикале полиција, но сепак свирепиот напаѓач влегол зад девојката и ја застрелал...
Ова убиство го потресе секој еден човек, а на социјалните мрежи не престануваат реакциите во кои се слуша гласот на осудата и плачењето.
Босанската инфлуенсерка Мерима Ѓелиловиќ на социјалните мрежи објави моќно видео и испрати порака до сите, искажувајќи ја загриженоста што никој не заштитил жртва кога неа најмногу ѝ била потребна помош.
Нејзиното обраќање го носи насловот „Прости ни, Алдина“, а ние ви го пренесуваме во целост:
„Сите забележуваат кога ноктите ќе ти пораснат половина сантиметар. Забележуваат ако си се здебелила пет килограми. Те запираат кога си ненашминкана за да те прашаат дали си добро. Стануваат, забележуваат. За тоа сите имаат очи. Никој не ја забележа девојката која бега од маж со пиштол... Сред Мостар.
Не гледаме околу себе. Не гледаме ни во себе. Во што гледаме? Веројатно сé што е подлабоко од шминката никого не го интересира. Една девојка умре. Престана да бара помош. Коментари од жени, коментари од мажи: „Самата е крива“. Коментари од идиоти. Замислете го нивото на човечки срам за оние кои коментираат за мртва девојка и бараат изговор за монструмот. Меѓу какви луѓе живееме ние? Ако жртвата може да биде крива, кому воопшто му е дозволено да биде невин?

И потоа доаѓаме до мажиштата. До нашата балканска парада на тестостерон и празни приказни. Каде се бицепсите сликани под неонски светла? Каде се кога жената умира? Вистинската машкост е да имаш кичма. Да кажеш: „Не, јас ќе ја заштитам“. Да ја заштитиш, да реагираш, да не бидеш кукавица кога злото стои три метри од тебе. А уште полошо е да коментираш дека девојката е крива. И тоа е убиство. И на таа девојка, и на мене, и на секоја жена која оди по оваа планета. Не го кажувам ова за да звучам паметно. Го кажувам затоа што сум лута. И нема да молчам. Никогаш.
Штета што оваа приказна ќе биде заборавена за неколку дена. Штета што Босна и Херцеговина е држава во која убиец има право да земе оружје, да добие дозвола за него, иако неговата девојка го пријавувала повеќепати. Сè додека имаме општество кое ги обвинува жените, а ги оправдува монструмите, ќе продолжиме да погребуваме девојки. Прости ни, Алдина“.















