Инфлуенсерката Ари Китса (24) минатиот понеделник ги заменила блесокот на светлата и ТикТок звуците со амфитеатарот на Универзитетот во Вашингтон, каде што одржала предавање пред 1.200 студенти.
„OnlyFans“ ѕвездата, позната по своите милиони следбеници на ТикТок и Инстаграм, зборувала со студентите во рамки на предметот „Psychology 201“ за човечката сексуалност, дигиталната економија и психолошките аспекти на онлајн ликовите на покана на професорката по психологија д-р Никол.
Но, иако за студентите тоа беше можност за академска дебата, за онлајн јавноста нејзиниот настап предизвика лавина бесни коментари и отвори ново поглавје во американската дебата за сексуалната работа, инфлуенсерите и академските граници.
Со 2,6 милиони следбеници на Инстаграм и пет милиони на ТикТок, Китса ја изградила својата онлајн слава врз основа на комбинација од комедија, впечатливи визуелни ефекти и целосна транспарентност во врска со нејзините козметички процедури. Иако отворено зборува за своите операции и го користи својот изглед за да постигне онлајн успех, таа им понуди на своите следбеници и убедливи причини да ја поддржат.
Нејзиното предавање на кампусот беше насловено како „Преживување на дигиталните економии, изведување онлајн персони, психолошки импликации за сексуализирани јавни простори“, но на социјалните мрежи, приказната доби сосема поинаков тон.
Предавањето што ги „запали“ социјалните медиуми
Кратко откако „Barstool Sports“ извести за гостувачкото предавање, социјалните мрежи експлодираа. Темата на предавањето, човечката сексуалност падна во втор план поради идеолошките дебати за тоа дали Ари Китса воопшто има кредибилитет да зборува во академска институција.
„Овој период во иднина ќе го проучуваат историчарите за да го разберат колапсот на Западот“, гласел еден коментар. Други ја доведоа во прашање соодветноста да се покани некој од платформата „OnlyFans“ да зборува пред студенти.
„Ова е онлајн проститутка чија работа е причината зошто има толку многу зависност од порнографија во нашето општество“, коментирал друг корисник. Многумина го протолкувале нејзиното присуство како симбол на опаѓање на образовните стандарди.
„Америка е готова“
„Замислете да мора да платите 100.000 долари школарина за да ви предава OnlyFans манекенка. Америка е готова“, коментирал еден корисник.
Беше изразена и загриженост за сексуалната работа и нејзиното влијание врз младите луѓе: „OnlyFans ѕвездите да се покануваат на колеџи/универзитети е лудост. Да се испорача што? Дигитална проституција?“.
На крајот, целокупната реакција на јавноста откри повеќе за поделбите во општеството околу сексуалната работа и легитимноста на научните истражувања на такви теми отколку за самото предавање.
Во предавалната – сосема поинаква приказна
За разлика од виртуелната бучава, атмосферата во амфитеатарот била сосема поинаква. Студентите кои присуствувале на предавањето ја опишале публиката како „љубопитна, заинтересирана и во некои случаи, невообичаено замислена“.
„Не изгледаше како спектакл. Изгледаше како предавање на кое се обидуваше да открие што се случува со сексот и социјалните мрежи“, рекол еден студент.
Д-р Никол, која го предава предметот, претходно поканувалa гости-говорници од различни средини, од терапевти до сексуални едукатори, за да им даде на студентите поширока перспектива за односот помеѓу сексот и културата. Гостувањето на Ари Китса, рече таа, се вклопува во тој пристап.









