Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, организирал свечена вечера за саудискиот принц Мохамед бин Салман во Белата куќа, а меѓу гостите бил и Кристијано Роналдо.
Роналдо се појавил со Георгина на вечерата на која присуствувале, меѓу другите, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, како и истакнати бизнисмени Илон Маск, Тим Кук, Мајкл Дел, Чак Робинс, Јенсен Хуанг, Тарек Амин, Лиса Су, Мајк Вирт, Дејвид Елисон и многу други.

На почетокот од својот говор, Трамп му се заблагодарил на Салман за доаѓањето во Белата куќа, а веднаш потоа проговорил за Роналдо.

„Мојот син е голем обожавател на Роналдо. Роналдо е тука и мислам дека мојот син повеќе го почитува својот татко сега откако ги запознав. Роналдо, ти благодарам што си тука, тоа е голема чест за нас“, рекол Трамп.
По свечениот дел од церемонијата и вечерата, гостите се забавувале, а Роналдо и Георгина направиле интересно селфи со, меѓу другите, Илон Маск и Џани Инфантино.

Потсетуваме, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман пристигнал во САД во вторник, за прв пат по седум години.

Се очекува двајцата лидери да разговараат за проширување на Абрахамовиот договор и дека ќе потпишат голем број важни договори во областите на технологијата, одбраната и трговијата.








