Жилберто Силва е фудбалска легенда на Арсенал поради тоа што одигра важна улога во периодот во кој „топчиите“ се бореа за титули, а исто така беше дел од „непобедливиот тим“ на Арсен Венгер кој стана англиски шампион.
Силва е член на генерацијата која последен пат ја освои титулата во Премиер лигата, па како човек чиј глас секогаш доста се слуша во Северен Лондон, сега привлече внимание со изјавата која ја даде за „Ток Спорт“.
Легендарниот Бразилец го советува Арсенал да го „одврзе ќесето“ за уште едно големо засилување за тимот на Микел Артета, и тоа за сонародникот кој не ужива голема минутажа во Реал Мадрид.
– Го познавам Родриго, се имаме сретнато неколку пати и не знам каква е ситуацијата меѓу него и Арсенал. На стартот на сезоната помислив дека би било фантастично да го имаме во Арсенал.
– Станува јасно дека нема да добие премногу простор за игра под водство на Чаби Алонсо во Реал, а како играч со голем талент, ќе биде вистинска штета да седи на клупа. Тој е играч кој треба да го гледаме на теренот и Арсенал треба да тргне по него. Ако тој не е среќен во Реал и има простор за преговори, Арсенал секогаш треба да мисли на засилување од таков калибар, – потенцира Силва.







