Кривична за ексградоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, и за уште седум лица поради злоупотреби со градежно земјиште

Макфакс

13/11/2025

12:15

850

Големина на фонт

а а а

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до скопското Обвинителство против осум лица — поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и еден надзорен инженер. Тие се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.

Меѓу пријавените е и поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети. Осомничени се и поранешни општински секретари С.Ш. и Ќ.К., раководителите на секторот за урбанизам А.С. и Ќ.А., помладиот соработник А.Ш., како и И.Б.Ш., раководител на секторот за планирање и уредување на просторот во Град Скопје. Пријавен е и Љ.Т., надзорен инженер.


Според Финансиската полиција, сите тие изготвиле и одобриле урбанистички документи и одобрение за градба со невистинита содржина иако знаеле дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај нема донесен детален урбанистички план. Дополнително, биле направени и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште спротивно на законските прописи. Надзорниот инженер, пак, извршил технички преглед и изготвил завршен извештај со исто така невистинити податоци.


Со овие дејствија, како што се наведува во пријавата, фирмата „Азра Идриз“ се стекнала со противправна имотна корист од 108.638.840 денари.

Од Основното јавно обвинителство – Скопје потврдија дека ја примиле пријавата и дека веќе се преземаат дејствија на проверки.