Алијанса за Албанците со апел до Африм Гаши да ги закаже изборите пред Нова година

Макфакс

13/11/2025

13:41

218

Големина на фонт

а а а

Пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче, реагираше по објавувањето на конечните изборни резултати од Државната изборна комисија (ДИК), нагласувајќи дека законскиот рок за одржување на повторените избори во четири општини започнува од 29 октомври, а не од денот на последното објавување на резултатите.

Според него, од овој датум започнал да тече рокот од 60 дена за одржување на изборите во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Жупа, па затоа тие треба да се одржат најдоцна до крајот на декември.

„Потребно е да се направи разлика меѓу заклучокот за објавување на конечните изборни резултати и оној за завршување на изборите. Законот е јасен – рокот од 60 дена се смета од денот на објавување на конечните резултати, што во овој случај е 29 октомври. Затоа изборите треба да се одржат до крајот на декември“, истакна Снопче.

Пратеникот изрази сомневање дека одложувањето на објавувањето на резултатите од ДИК било намерно и координирано со владата, со цел да се избегне периодот кога иселениците се во татковината. Тој нагласи дека со овој рок е очигледно дека целта е изборите да се одржат на 11 јануари, само неколку дена откако иселениците ќе се вратат во земјите каде што живеат и работат.

„Ова одложување изгледа намерно. Во 2021 година, ДИК ја извести владата само шест дена по завршувањето на првиот круг, без да го чека вториот. Сега се постапува поинаку, со неоправдано одлагање“, додаде тој.

Снопче упати апел до претседателот на Собранието, Африм Гаши, да покаже независност и автономија во вршењето на своите надлежности, со тоа што ќе ја закаже датата на изборите пред Нова година, за процесот да заврши во рамки на законските рокови и да им се овозможи на иселениците да гласаат.

„Господин Гаши, покажете величина – закажете ги изборите пред Нова година и да не ги разочараме повторно иселениците. Во ваши раце е да ја покажеме вистинската сила на дијаспората во овие четири општини“, изјави тој.

Пратеникот на Алијансата за Албанците посочи и правна дилема во врска со член 132 од Изборниот закон, според кој, доколку не се постигне цензус, изборниот процес се повторува. Според него, овој член треба да се толкува така што повторувањето на изборите треба да се одвива со истите кандидати, а не со нови, за да се избегне нееднаквост и непотребни одложувања.

„Доколку се дозволи пријавување на нови кандидати, процесот ќе стане нееднаков и практично невозможно е да се организира во рок од 60 дена. Само повторувањето со истите кандидати има правна и административна логика“, изјави Снопче.

На крајот, тој побара институциите да покажат одговорност и почит кон законот и дијаспората, со тоа што изборниот процес ќе се заврши во законскиот рок и без намерни одложувања.