Ѓоковиќ: Долго мислев дека сум Супермен, па добив шлаканица од реалноста

Дерби

12/11/2025

11:17

396

Големина на фонт

а а а

Новак Ѓоковиќ игра одличен тенис на 38-годишна возраст и на крајот на минатата недела ја освои 101-та титула во кариерата, но веднаш после тоа донесе одлука да не настапи завршниот Мастерс во Торино.

Во период кога се очекуваше да го гледаме на турнирот на најдобрите осум тенисери, Ноле сега стана хит со интервјуто кое го направи со новинарот Пирс Морган, а од долгиот разговор кој го водеа, за издвојување се повеќе теми, меѓу кои и онаа за суровата реалност наречена биологија.

– Сè уште мислам дека можам да се натпреварувам со Синер и Алкарас, моментално се наоѓам во ментална транзиција. Свесен сум за новата ситуација со која морам да се соочам. Знам дека оние двајца во овој момент се ниво над мене и дека се подобри.

– Тоа е реалноста со која морам да се помирам, но претходно во текот на целата моја кариера користев визуелизација. Тоа е ментална техника која ми даваше сила, самодоверба и вера, замислував работи кои ќе се случат и универзумот ми враќаше и се случуваше тоа што ќе го посакав.

– Секако, во оваа фаза од кариерата во игра влегува и биологијата, телото си има свои граници. Имам 38 години, а наскоро ќе имам и 39. Трошењето во нашиот спорт е големо…… Долго мислев дека сум Супермен, дека не можам да се повредам, но последните неколку години добив шлаканица од реалноста. Сега сум во фаза на учење на новото поглавје во кариерата, – вели Ѓоковиќ кој имаше доста физички проблеми во текот на оваа календарска година.