Според француското Министерство за здравство, речиси 90 отсто од територијата на Франција е класифицирана како „медицинска пустина“.
Затоа во некои места се воведени медицински контејнери каде што пациентите можат да се прегледаат сами, со видеонадзор од страна на лекар, кој се вклучува со камера.
Однадвор, изгледа како обичен контејнер, но одвнатре е ординација за самопреглед со електронски стетоскоп, монитор за крвен притисок и отоскоп за преглед на увото, пренесе Дојче Веле.
Еден од пациентите, Доминик Турнатори (63) е воодушевен од концептот, а побарал брз медицински совет поради болки во грбот и закажал преглед во еден од овие „медицински контејнери“.
„Добив код за влез и можев да разговарам со лекар кој ми даде навистина добар совет. Беше многу практично – и најважно од сè, сè помина многу брзо“, рече тој.

Градоначалникот на Сен-Жорж-Мотел, Жан-Луј Герлен, објасни дека жителите на градот имаат тешкотии да закажат преглед кај лекар и дека лекарите се ретки во областа и во околните области.
„Во 14-те околни општини, секој лекар има просечно околу 1.600 пациенти. Имаме една исклучителна докторка, на пет километри оттука, таа има повеќе од 2.200 пациенти“, рече тој, додавајќи дека областа спаѓа во „медицинска пустина“, како што се нарекуваат регионите со недостиг на лекари во Франција.
Според француското Министерство за здравство, речиси 90 отсто од територијата на Франција е класифицирана како „медицинска пустина“, а повеќе од шест милиони луѓе во земјата немаат матичен лекар.
Затоа медицинските контејнери се можно решение.
Засега, пациентите во контејнерите можат главно да се консултираат со лекари од општа пракса, но целта е во иднина да се овозможат и прегледи со психолози.

Од друга страна, Француската федерација на лекари предупреди дека телемедицината го менува односот помеѓу лекарот и пациентот и дека длабинските пребарувања на далечина честопати не се можни, што го отежнува правилното лекување.
Тие исто така предупредуваат дека таков систем го отежнува постигнувањето на сеопфатен пристап, бидејќи пациентот може да наиде на различен лекар во секој контејнер.
Борбата против „медицинските пустини“ веќе со години е голема политичка тема во Франција.
Премиерот Себастијан Лекорни најави дека до 2027 година, секој во земјата ќе има пристап до лекар во рок од 30 минути од местото каде што живее.
Од друга страна, компанијата „La Box Médicale“ до 2028 година планира да инсталира 1.000 медицински контејнери низ цела Франција.








