Една шака од оваа намирница дневно може да му помогне на мозокот: Влијае врз помнењето и протокот на крв во мозокот

Точка

23/11/2026

14:14

173

Големина на фонт

а а а

Постарите лица кои во текот на 16 недели секојдневно јаделе по 60 грама печени кикиритки со лушпа имале подобар проток на крв во мозокот и подобро краткорочно вербално помнење, покажало истражувањето на научниците од Универзитетот во Мастрихт.

Во истражувањето учествувале 31 здрав испитаник во понапредна животна возраст. Испитаниците секојдневно јаделе 60 грама несолени печени кикиритки со лушпа, што одговара на приближно две порции. Краткорочното вербално помнење им се подобрило за 5,8 проценти, а протокот на крв во мозокот се зголемил за 3,6 проценти.

Главниот автор на студијата, Питер Јорис, професор на Катедрата за нутриционизам и науки за движење на Универзитетот во Мастрихт, за „Verywell Health“ изјавил дека тоа укажува на подобра функција на крвните садови во мозокот. Според неговите зборови, тоа би можело да ги објасни и подобрите резултати на тестовите за помнење.


Крвта му носи на мозокот кислород и хранливи материи и ги отстранува отпадните материи што можат да се таложат и да придонесат за губење на помнењето. Затоа подобриот проток на крв се споменува како еден од можните начини за спречување или одложување на деменцијата и Алцхајмеровата болест. Истражувањето делумно го финансирала Фондацијата на Институтот за кикиритки („The Peanut Institute Foundation“), организација од индустријата за кикиритки.

Кикиритките и инсулинот

Други наоди од истото клиничко испитување покажале дека кикиритките ја подобруваат и реакцијата на мозокот на инсулин. Џулијана Коен, нутриционистка од Факултетот за јавно здравје „Т. Х. Чан“ при Харвард и колеџот „Меримак“, објаснила дека мозокот со текот на годините често станува поотпорен на инсулин. Тоа се поврзува со слабеење на когнитивните способности, послабо помнење и поголем ризик од Алцхајмерова болест.

Истражувањето опфатило само постари лица, кај кои инсулинската резистенција и вкочанетоста на крвните садови се почести. Коен вели дека и помладите можат да имаат слична корист од влакната, протеините и здравите масти што ги содржи растителната храна.

Зошто кикиритки со лушпа?

Истражувачите користеле печени кикиритки со лушпа бидејќи таа содржи полифеноли, растителни антиоксиданси, како и витамини и минерали. Поради тоа, ваквите кикиритки би можеле да имаат поинакво дејство од излупените кикиритки или путерот од кикиритки. Според зборовите на Коен, путерот обично содржи помалку влакна и полифеноли, а повеќе додаден шеќер и сол.


Една порција кикиритки содржи 160 калории и 11 грама масти, па испитаниците дневно внесувале 320 калории и 22 грама масти. Коен советува кикиритките да се користат како замена за помалку здравите грицки и рафинираните житарки, за да не дојде до зголемување на телесната тежина.

Томас М. Холанд од Институтот за здраво стареење „RUSH“ предупредува дека не треба „претерано да се фокусираме на една намирница“. Како што вели, здравјето на мозокот се гради преку целокупната исхрана и начинот на живот. Покрај кикиритките, за мозокот се корисни лососот, јајцата, оревите, боровинките и темнозелениот лиснат зеленчук. Важни се и физичката активност, квалитетниот сон и контролата на ризик-факторите за болести на срцето и крвните садови. За да се утврдат долгорочните ефекти врз помнењето, потребни се дополнителни истражувања.