Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави промена во пристапот кон финансирањето на Украина и трговските односи со Индија, како и поддршка за новиот сириски лидер Ахмед ал-Шара, за време на редовна средба со новинарите во Белата куќа.
Трамп истакна дека САД повеќе не издвојуваат свои средства за Украина, туку добиваат пари преку НАТО.
„Веќе не трошиме пари. Сега тие се плаќаат преку НАТО“, рече американскиот претседател, проценувајќи дека САД досега претрпеле штета од 350 милијарди долари поради украинскиот конфликт.
Тој нагласи дека конфликтот во Украина повеќе не претставува ризик за избувнување на третата светска војна.
„Да бев претседател, оваа војна никогаш немаше да се случи. А да не бев претседател сега, може да доведе до Трета светска војна. Тоа нема да се случи“, рече Трамп и потсети дека „осум војни завршија, а деветтата е на пат“.
Затоплување на односите со Индија
Трамп ја објави можноста за намалување на царините за индиска стока, откако Њу Делхи го намали увозот на руска нафта.
„Во моментов, царините за Индија се многу високи поради руската нафта. Во одреден момент, планираме да ги намалиме“, рече Трамп, нагласувајќи дека односите со премиерот Нарендра Моди се „одлични“.
„Тој е мој пријател. Тој сака да одам таму“, додаде американскиот претседател, не исклучувајќи ја посетата на Индија во текот на следната година.
Сирија – новиот сојузник на Вашингтон
Американскиот лидер го угости привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара, во Белата куќа, кого го нарече „силен лидер и жилав човек“.
„Тој е многу силен лидер. Ми се допаѓа, се согласувам со него“, рече Трамп по средбата, додавајќи дека САД ќе ја поддржат реконструкцијата на Сирија и стабилноста на Блискиот Исток.
Во изјава за „Фокс њуз“, Ел Шара нагласи дека Сирија сака да стане сојузник на САД и очекува американски инвестиции, особено во секторот за производство на гас.
Тој истакна дека врските на сириските власти со терористичките групи се „минато“, како и дека е формирана комисија која ќе го повика на одговорност поранешниот претседател Башар ал-Асад, кој е во Русија по државниот удар во Сирија.
„Правдата мора да победи. Формиравме комисија за правда за да ги повикаме сите вклучени, вклучително и Башар ал-Асад, на одговорност за она што се случи“, рече ал-Шара.











