Разбиен е митот дека половните електрични возила се недоверливи.
Шведската платформа за аукции на возила „Kvdbil“ неодамна спроведе истражување за состојбата на батериите кај повеќе од 1.300 половни електрични автомобили и plug-in хибриди.
Резултатите покажуваат дека осум од десет тестирани возила и понатаму се во одлична состојба, што е потврдено преку мерењето на таканареченото „степен на здравје“ (SOH) на батериите. Ова мерење покажува колкав капацитет има батеријата во однос на нова батерија.
Поголемиот дел од половните електрични автомобили и по неколку години употреба задржале повеќе од 90% од својот првичен капацитет, објави весникот „Göteborgs-Posten“.
Според Мартин Рејнхолдсон, кој го водел истражувањето, ова е делумно резултат на современите системи за ладење на батериските пакети и паметната контрола на температурата.

"Kia" е на врвот
Заклучокот за купувачите на половни електрични возила е јасен – брендот „Kia“ се издвојува како најдобра опција, бидејќи во просек постигнува најдобри резултати и кај хибридите и кај електричните автомобили.
Вториот заклучок е дека грижата околу брзото пропаѓање на батериите кај половните електрични автомобили е претерана и главно неоснована. Истражувањето покажува дека половните EV-возила можат да бидат еколошки прифатливи и финансиски исплатливи.
Рејнхолдсон дополнува дека, иако марката и моделот имаат значајно влијание, фактори како навиките на возачот, климата и староста на возилото се подеднакво важни за долговечноста на батеријата.
„На пример, важно е да не се полни батеријата пречесто над 80%, да не се изложува возилото на екстремна топлина или студ и да не се користат често брзи полначи. Ако се придржувате до тоа, просечниот батериски пакет губи само неколку проценти капацитет годишно,“ објаснува тој.

„Kvdbil“ ја објави листата на 10 најдобри батерии
Во своето истражување, платформата „Kvdbil“ ги рангираше најдобрите plug-in хибриди и електрични автомобили според квалитетот и издржливоста на батериите.
Топ 10 најдобри батерии кај plug-in хибриди:
1. Kia Sportage
2. Kia Optima
3. Volvo XC60
4. Kia Ceed
5. Volvo V60
6. Peugeot 3008
7. BMW 530e
8. Volkswagen Passat GTE
9. BMW X1
10. BMW 330e
Топ 10 најдобри батерии кај електрични автомобили:
1. Kia EV6
2. Kia e-Niro
3. Tesla Model Y
4. Opel Mokka-e
5. Mazda MX-30
6. Audi Q4 e-tron
7. Fiat 500
8. Volvo XC40 Recharge
9. Citroën e-C4
10. Volkswagen ID. 4
Истражувањето на „Kvdbil“ уште еднаш потврдува дека современите електрични возила се многу поиздржливи отколку што јавноста мисли – а „Kia“ ја зацврсти својата репутација како бренд со најдоверливи батерии на пазарот.











