Само еден ден пред официјалното претставување, во јавноста протекоа првите фотографии од новото „Renault Twingo“.
Важно е што „Renault“ го исполни своето ветување. Како што беше најавено со концептот, четвртата генерација на „Twingo“ изгледа како модерна реинкарнација на оригиналот од раните деведесетти. Ова покажува дека францускиот производител конечно ја пронашол „златната формула“ – совршена рамнотежа меѓу традицијата, современите технологии и практичноста, пишува „Index.hr“.
Сериската верзија во голема мера го следи дизајнот на концептот од 2023 година и оригиналниот модел од 1992, додека почетната цена треба да биде под 20.000 евра, пред државните субвенции. Овој мал градски автомобил е подготвен да се врати со својот препознатлив шарм – но сега со целосно електричен погон.
Дизајн што останува верен на концептот
Сериската верзија речиси целосно го задржува изгледот на концептот од 2023 година. Видливи се само мали измени – класични рачки на вратите, пластични поклопки на тркалата, благо модифицирани LED светла и редизајнирани браници со црна заштита за поголема издржливост во секојдневното возење.
Новото „Twingo“ го задржува препознатливото лице, компактната MPV форма и заоблениот заден дел, што потсетува на оригиналот од 1992 година – но сега е подолг, со поголема каросерија и пет врати.

Внатрешност: едноставна, но со карактер
Кабината ја задржува личноста на концептот, но користи материјали погодни за сериско производство.
Тврдата пластика ги замени луксузните површини, а седиштата се обложени со класична ткаенина.
Во центарот доминира „пловечки“ инфотејнмент екран, поставен над компактната инструмент табла, чиј дизајн потсетува на моделите од „Dacia“.
Физичките контроли за клима-уредот се задржани, поставени на централната конзола и на воланот.
Жолтиот украсен елемент на инструмент таблата внесува доза свежина, а помеѓу предните седишта се наоѓа интересен црвен детаљ што додава карактер.
Целосно електричен погон
За разлика од претходниците, четвртата генерација на „Twingo“ ќе биде достапна исклучиво како електрично возило.
Моделот ќе биде изграден на новата „AmpR Small“ платформа на „Renault“ (порано позната како „CMF-BEV“), која ја дели со „Renault R5“, „Renault R4“ и „Nissan Micra“.
Иако „Renault“ сè уште нема објавено технички спецификации, очекувањата се дека „Twingo“ ќе има еден електромотор и помала батерија, со оглед на тоа што е наменет првенствено за градско возење.

Конкуренција и пазарна позиција
Во европскиот A-сегмент, новото „Twingo“ ќе се натпреварува со „Dacia Spring“, „Leapmotor T03“, идниот „Volkswagen ID. Every1“ и неименуваниот „Nissan“.
Дополнително, ќе се преклопува со поволни модели од B-сегментот како „Fiat Grande Panda“ и „Citroën ë-C3“.
Да потсетиме, уште во 2023 година, тогашниот извршен директор на „Renault“, Лука де Мео, изјави дека новото „Twingo“ ќе има почетна цена под 20.000 евра и дека ќе може да се изнајмува за само 100 евра месечно.
Останува да се види дали овие бројки ќе останат реални во денешните пазарни услови.
Сè ќе биде официјално потврдено утре, кога „Renault“ ќе ги открие техничките детали и планот за лансирање на европскиот пазар.













