Пејачката Сија се најде во нова правна битка со поранешниот сопруг Дан Бернад. Во екот на нивниот развод, Бернад поднел барање за старателство над нивниот 19-месечен син Самерсолт, познат и како Сами, тврдејќи дека пејачката се бори со зависност и не е способна да се грижи за детето, стои во документите до кои дошол „E! News“.
Дан (47) во поднесокот наведува дека 49-годишната Сија не е способна да се грижи за момчето кое го добиле во март 2024 година. „Сија претставува сериозна и непосредна опасност за нашиот син,“ напишал Бернад, тврдејќи дека пејачката „намерно и повеќепати ја криела“ својата двонеделна хоспитализација во септември. „Била позитивна на барбитурати и бензодиазепини, без легитимно медицинско објаснување.“

Бензодиазепините се седативи кои обично се наоѓаат во лекови против анксиозност како „Xanax“, како и во терапии за несоница, додека барбитуратите се седативно-хипнотички лекови кои се користат за лекување на несоница и превенција на напади.
Бернад тврди дека Сија му ги ускратувала посетите на синот
Бернад не бара исклучиво старателство само поради наводна злоупотреба на дроги, туку тврди и дека Сија го прекршила нивниот договор за заедничко старателство, спречувајќи го да го гледа синот. „Однесувањето на Сија е непромислено, опасно и покажува целосно непочитување на благосостојбата и судските налози,“ навел тој. „Сија е неподобна и непоуздана старателка која се бори со злоупотреба на супстанци и зависност, што ја прави неспособна да обезбеди безбедна или стабилна грижа за Сами.“
Поранешниот радиолошки онколог, кој ја напуштил кариерата кога парот се венчал во 2022 година, истакнал дека неговото професионално искуство го прави „единствен сигурен и поуздан родител за синот.“ „Јас сум лекар, млад, здрав и немам криминална историја ниту проблеми со зависност од дроги или алкохол,“ додал тој.

Сија ги отфрлила обвиненијата
Сија ги отфрлила обвиненијата, нарекувајќи ги „целосно неосновани и измамнички“.
„Вистина е дека се борев со проблеми со дроги и алкохол пред повеќе од петнаесет години,“ изјавила пејачката. „Целосно сум трезна повеќе од шест месеци и работам на програма која вклучува неделно тестирање.“

Таа исто така посочила дека била главен старател и пред нивниот развод. „Дан не работи. Дан ужива во ноќниот живот и забави,“ тврди Сија. „Тоа е уште еден причин за мојата загриженост околу Дан како одговорен и соодветен родител. Тоа беше образец за време на нашата кратка брачна заедница.“ Додала: „Кога беше во Лос Анџелес, Дан поминуваше ограничено време со Сами, и тоа главно во присуство на дадилка.“








