[ВИДЕО] Јован Јованов откри дека бил во врска со Миа Костова: „Бевме интересен пар, бев заљубен“

Точка

28/10/2025

19:55

2.109

Големина на фонт

а а а

Јован Јованов, едно од најзвучните имиња на македонската сцена во почетокот на 2000-те години, повеќе од една деценија живее во Торонто, Канада, но не се откажал од музиката.

Тој сè уште твори и компонира за тамошни изведувачи, но и за македонски музичари, а во последните неколку години и почесто доаѓа во Македонија особено откако е дел од организацијата на Макфест.

Јованов не споделува премногу детали од својот приватен живот, но во гостувањето во поткастот кај Лазаров откри неколку интересни нешта од неговиот живот и кариера.

Тој, меѓу другото, зборуваше за спомените од минатото, почетоците на групата Магија, како се запознал со Врчак и Тоше Проески, за соработките со Слаткар и Тони Зен, селењето од Македонија, но и за љубовниот живот односно за врската со Миа Костова.

Јован откри дека негова прва голема љубов и подолга врска му била токму со Миа.


„Јас и Миа многу мали почнавме, таа се запиша 1-ва средно, јас 3-та или 4-та, средно школо бевме во музичко. Таа само што се запиша таа година, тоа лето се запознавме. Миа ми беше првата долга врска. Заљубен бев, тинејџерска љубов.

Сум имал и претходно пократки врски што не успеале, ама со Миа ми беше прва долга врска, бевме над 2 години заедно. И по весници излегуваа објави дека сме заедно. Бевме млади, средно школо, ама убаво искуство, супер беше, бевме интересен пар во тоа време, тинејџери.


Ја видов сега пред една недела, во непријатен момент малку, после толку години, на погребот на Панчо, одамна ја немам видено и баш се изгушкавме“.

Во текот на разговорот, музичарот отворено зборуваше и за неговата поранешна сопруга Николина, со која не се заедно од 2018 година, но функционираат одлично и како пријатели и како бизнис партнери, а најважно од сè – како родители на нивната ќерка.

„Во фантастични односи сме, добри пријатели сме, имаме ќерка и уште функционираме како партнери во бизнисот што го имаме таму.

Немавме никаков проблем, едноставно ја изгубивме емоцијата и енергијата, љубовната страна. Двајцата сме емотивно зрели и одлучивме да не се влечеме со години како многу парови што ги знаеме, што глумат дека е сè добро“, вели Јованов.