[ФОТО/ВИДЕО] Манастирот кој пркоси на времето и гравитацијата: Чудо од градба и место каде двајца монаси сонувале ист сон – Богородица имала порака за нив

Точка

24/10/2025

16:09

2.952

Големина на фонт

а а а

Во срцето на недопрената природа на националниот парк Алтиндере, на стрмна карпа во Понтските Алпи во областа Трабзон, се наоѓа едно од највеличествените свети места во Турција – манастирот Сумела. На височина од околу 1200 метри, тој буквално „виси“ над бездна.

Легендата вели дека двајца грчки монаси – еден од Цариград, а другиот од Атина – истовремено сонувале икона на Богородица, која им порачала да ѝ „изградат дом“ на планината над Трабзон. Водени од тој сон, тие пронашле пештера со чудотворна икона, за која се верува дека ја насликал самиот апостол Лука. На тоа место останале до крајот на својот живот, а со текот на времето таму бил изграден манастирот Сумела.


Името „Сумела“ потекнува од грчкиот израз за „црна планина“ – „melas oros“. Низ вековите, ова свето место било духовен и културен центар на православието во регионот. Манастирот е основан во 4 век, а својот денешен монументален изглед го добил главно за време на византискиот и османлискиот период, особено во времето на династијата Комнин.

Иако најстарите делови потекнуваат уште од времето на царевите Анастасиј и Јустинијан, позначајната градба започнала во 13 век. Во 15 век, откако Трабзон паднал под власта на султанот Мехмед II Освојувачот, манастирот останал недопрен благодарение на неговиот едикт за заштита на верските објекти. Неговиот син, султан Селим I, дополнително го обновил и го збогатил со драгоцени книги и златни украси.


Она што ја прави Сумела навистина уникатна е нејзината впечатлива архитектура – целиот комплекс е приспособен на карпата, во која делумно е врежан. Главната црква се наоѓа во пештера, а околу неа се распоредени бројни простории: капели, монашки ќелии, библиотека, кујни и аквадукт.

Внатрешноста и надворешните ѕидови на црквата се богато украсени со фрески што прикажуваат сцени од животот на Исус Христос, Богородица и разни библиски приказни – од создавањето на Адам и Ева, па сè до Христовите чуда и воскресението.

За жал, многу од фреските се оштетени – и тоа не само поради забот на времето. На ликовите на светците најчесто недостигаат очите, бидејќи народот верувал дека тие поседуваат чудотворна моќ. Луѓето ја стругале бојата од ѕидовите и ја вареле во вода, надевајќи се дека така ќе добијат исцеление.


Манастирот на почетокот на 20 век бил напуштен, а во 2015 година, поради опасност од одрони на карпи, бил целосно затворен за јавноста. Темелната обнова траела речиси пет години, а денес повторно е отворен и за поклоници и за туристи.

Иако во текот на целата година е многу посетен, најголемата гужва е на 15 август, на празникот Успение на Пресвета Богородица, кога во манастирот се служи литургија што ги собира православните верници од целиот свет.

До манастирот може да се стигне со организиран превоз од подножјето на планината (цената е околу 3 евра), а последниот дел од патот води низ величествена, стрмна шумска патека долга околу 500 метри. Успонот е напорен, но погледот што се отвора на крајот е вистинска награда. На тој пат се наоѓа и малата црква на света Варвара, каде што, според преданието, монасите се криеле за време на обновата на манастирот.


Без оглед на метежот, во внатрешноста на манастирот владее тишина. Посетителите од сите вери и нации го делат истото чувствo на почит кон ова свето место. Секој агол од комплексот раскажува своја приказна – фреските, ходниците, тесните скали и прозорците врежани во карпата. Црквата во пештерата ги чува највредните фрески, кои и без очи сè уште восхитуваат со својата убавина.


Денес Сумела е дел од привремената листа на светско наследство на УНЕСКО и неизбежна дестинација на картата на културниот туризам во Турција. Таа е дел и од Националниот парк Алтиндере, па покрај духовното доживување, посетителите можат да уживаат и во величествената природа.


Манастирот може да се посети од април до октомври, а влезницата чини околу 20 евра.