„Casio G-Shock“ сега може да стои на вашиот прст – како нов дигитален прстен

Точка

23/10/2025

10:41

411

Големина на фонт

а а а

По успехот на првиот модел, „Casio“ го претставува „G-Shock Nano DWN-5600“. Поиздржлив, подостапен по цена и со приспособлив ремен, овој гаџет го носи легендарниот дизајн во минијатурен формат.

Откако минатата година „Casio“ го претстави својот прв дигитален прстен, јапонскиот технолошки гигант сега оди чекор понатаму и ни носи вистинско „G-Shock“ искуство во минијатурно пакување. Како што пренесува „The Verge“, пристигнува „G-Shock Nano DWN-5600“ – прстен кој го спојува иконскиот дизајн со модерната технологија за носење.

За разлика од првиот модел, кој беше инспириран од серијата „GMW-B5000“, новиот уред инспирацијата ја црпи од легендарниот модел „DW-5600“. Овојпат, „Casio“ целосно ја прифати „G-Shock“ филозофијата и идентитетот на брендот – прстенот е изработен од смола, што му обезбедува препознатлива издржливост и отпорност на удари.


Новиот „Casio G-Shock Nano DWN-5600“ најпрво ќе биде лансиран во Јапонија во ноември 2025 година, и тоа во црна, црвена и жолта боја, по цена од 14.300 јени (околу 94 долари). Тоа е значително поевтино од претходниот модел. Уредот веќе се појави и на веб-страниците на „Casio“ во Франција, Германија и Холандија, каде исто така се очекува во ноември по цена од 99,90 евра. Се очекува наскоро да пристигне и на американскиот пазар, но тие детали сè уште не се познати.

Иако можеби не е толку елегантен како првиот прстен – кој подоцна доби и златна верзија – „Nano DWN-5600“ носи едно клучно подобрување. Ременот на оригиналниот модел не беше приспособлив и се потпираше на два вметнати адаптери за да одговара на помали прсти. Новата верзија има класичен ремен со дупчиња, кој може да се прилагоди на опсег од 48 до 82 милиметри, правејќи го погоден за значително поширок круг корисници.

Во функционална смисла, „G-Shock Nano DWN-5600“ е идентичен со минатогодишниот модел. Опремен е со шестцифрен LCD-екран кој го прикажува времето, а нуди и функции на штоперица и календар. Зад екранот се наоѓа LED-светло кое трепка при активирање на алармот. За управување со функциите служат три копчиња поставени од страните на куќиштето.


Прстенот е исто така водоотпорен до длабочина од 200 метри, што значи дека не мора да се вади при туширање или пливање. Напојуван е со заменлива батерија со век на траење од две години, но од „Casio“ препорачуваат замената да се извршува во нивен овластен сервис за да не се наруши водоотпорноста на уредот.

Иако „G-Shock Nano DWN-5600“ не е паметен прстен што ги следи отчукувањата на срцето или прикажува нотификации, неговата привлечност лежи во нешто друго – спојот на носталгијата, легендарниот „G-Shock“ дизајн и практичноста, спакувани во уникатен формат што сигурно ќе ја привлече вниманието и на старите обожаватели и на новите љубители на технологијата.