Ресенскиот Сарај блесна во ликот на балканскиот рис

Макфакс

23/10/2025

09:25

443

Големина на фонт

а а а

Синоќа, во позитивна атмосфера исполнета со љубопитност, во Ресен беше отворена патувачката изложба на фотографии посветена на балканскиот рис – организирана од Македонското еколошко друштво, во соработка со Националниот парк „Галичица“ и Домот на културата „Драги Тозија“.

Фотографиите се изложени во познатиот ресенски Сарај, еден од најрепрезентативните споменици на неокласичното архитектонско наследство во земјата од почетокот на минатиот век. Изложбата ќе биде достапна за посетителите во следните две недели, по што ќе го продолжи своето патување во друг град. Досега таа беше поставена во Галичник, Битола и Охрид.

Балканскиот рис претставува критично загрозен подвид што живее исклучиво во регионот на Западен Балкан, а денес брои помалку од педесет возрасни единки во природата. Неговата иднина е сериозно загрозена од загубата на живеалишта, криволовот и ниската генетска разновидност, иако овој редок предатор е незаменлив дел од природното, но и културното наследство на регионот.

Повеќето од прикажаните фотографии се снимени со фотозамки – метод што најчесто се користи при истражувањето на притаени и тешко забележливи диви животни, и тоа како дел од активностите на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ започната во 2006 година.

Македонското еколошко друштво ја продолжува својата повеќегодишна мисија за закрепнување на балканскиот рис преку научни истражувања, работа со локалните заедници и едукативни активности. Целта на оваа изложба е јавноста не само да се запознае со убавината и реткоста на овој вид, туку и да ја препознае својата улога во неговата заштита – како дел од заедничките напори за зачувување на биолошката разновидност на Македонија и целиот Балкан.