Пејачката Сузан Бојл (64), која преку ноќ стекна светска слава откако се појави во третата сезона на натпреварувањето „Britain’s Got Talent“ во 2009 година, поради здравствени проблеми веќе некое време помалку се експонира во јавноста за разлика од првите години од нејзината популарност.
Затоа секое нејзино враќање пред камерите е голема вест за нејзините обожаватели, кои Сузан вчера ги израдувала со прошетката по црвениот килим на доделувањето на наградите „Pride of Britain“ во Лондон.
Новиот изглед на Сузан Бојл
Имено Сузан пристигнала во елегантен, долг, широк фустан, преку кој носела шал од црно вештачко крзно.
Сепак, најголемото изненадување била нејзината фризура, односно шкотската ѕвезда сега има руса боб фризура со шишки. Таа била одлично расположена и изгледала задоволно и здраво, што особено ги израдувало нејзините обожаватели по тешкиот период низ кој поминала.
Имено Бојл пред три години доживеала мозочен удар, поради што имала тешкотии со говорот и не можела да пее, но сега е подготвена за враќање пред микрофонот. Зборувајќи со новинарите на црвениот килим, пејачката открила дека ќе објави нови песни следната година.
„Тогаш треба да очекувате нешто“ изјавила таа за „Мирор“.
Бајковит пресврт во животот на Сузан Бојл
Инаку Сузан била обична домаќинка од Шкотска која имала многу едноставен живот сè додека не се појавила на сцената на натпреварувањето „Britain’s Got Talent“ и ја извела песната „I Dreamed a Dream“ од мјузиклот „Les Miserables“.
Публиката била трогната од нејзиниот тажен живот, а за време на натпреварувањето се зборувало дека никогаш во животот не се бакнала со маж, што таа го демантирала и зборувала за момчето што го сакала, но нејзиното семејство не го прифатило.
Иако не го освоила првото место на натпреварувањето, завршувајќи како второпласирана, таа издала повеќе албуми, продала милиони примероци и имала успешна светска турнеја.
Нејзиниот деби албум „I Dreamed a Dream“ (2009) бил продаден во повеќе од 10 милиони примероци, што го прави еден од најпродаваните албуми на 21 век, а досега има издадено седум албуми, последен во 2016 година.
Што се однесува до нејзиниот приватен живот, Сузан сè уште живее во семејниот дом во Блекбурн, каде што пораснала со уште осум браќа и сестри, кои во меѓувреме се отселиле. Сузан никогаш не се омажила, а своевремено се зборувало дека го посветила животот на грижата за својата мајка, која починала во 2007 година на 92-годишна возраст.
Во 2022 година, британските медиуми објавија дека пејачката доживеала мозочен удар, поради кој нејзиниот говор станал „речиси неразбирлив“. Потоа се посветила на своето лекување и поминала интензивна обука за повторно да може да пее.