Ѝ рекла: „Станувај, Пепелашке!“, па ја фрлила во канџите на принцот: Нови детали за злоставувањето ја потресуваат монархијата

Точка

21/10/2025

19:02

1.014

Големина на фонт

а а а

Посмртно објавената книга „Ничија девојка: Мемоари за преживување злоставување и борба за правда“ на Вирџинија Џуфре предизвика огромен интерес кај јавноста уште од моментот кога беше пуштена во продажба во вторникот.

Во своите мемоари, таа ги повторува тврдењата дека педофилот и финансискиот магнат Џефри Епштајн ја користел за сексуална експлоатација, за време на која, како што наведува, ја злоставувале моќни мажи – меѓу кои, тврди, бил и принц Ендру.

Тој, како и во многу наврати досега, категорично ги негира обвинувањата и тврди дека е невин. Сепак, многумина се прашуваат зошто тогаш се повлекува од јавниот живот, доколку навистина нема што да крие.

Објавувањето на книгата доаѓа само неколку дена откако принцот Ендру објави дека се откажува од своите титули и почести, вклучувајќи ја и титулата војвода од Јорк.

Џуфре, која почина во април на 41-годишна возраст, беше клучна фигура во разобличувањето на мрежата за трговија со луѓе на Епштајн. Епштајн беше пронајден мртов во затвор на Менхетн во 2019 година, додека го чекаше судењето по обвиненија за сексуална трговија со малолетнички.

Неговата поранешна партнерка, Гислејн Максвел, беше осудена во 2022 година на 20 години затвор поради тоа што помагала во регрутирање на жртвите.

Обвинувањата против принцот Ендру

Во книгата, Џуфре опишува дека како 17-годишна девојка работела како масерка во спа-центарот на Епштајн во Мар-а-Лаго, од каде што Максвел ја регрутирала. Тврди дека по барање на Епштајн патувала низ светот и била принудувана на односи со моќни мажи – меѓу кои и со принцот Ендру.

Наводно, со него имала односи трипати, првиот пат во март 2001 година, во куќата на Гислејн Максвел во близина на Хајд Парк во Лондон.

Во пасус што го пренесува „The Guardian“, таа пишува:

„Максвел ме разбуди тој ден со весел глас: ‘Станувај, Пепелашке! Денес е посебен ден, ќе запознаеш згоден принц!’“.

Таа додава дека Максвел ја однела на шопинг за облека по повод средбата:

„Носев фармерки и краток топ кој ми го откриваше стомакот. Максвел не беше воодушевена, но јас тогаш ги обожував Бритни Спирс и Кристина Агилера, а таа комбинација ме потсетуваше на нив“.

Кога го запознала принцот кој тогаш имал 41 година, тврди, тој точно ги погодил нејзините години, изјавувајќи:

„Моите ќерки се само малку помлади од тебе“.

Наводно подоцна зела фотоапарат за да направат заедничка фотографија, која ја снимил самиот Епштајн.


Во познатото интервју за „BBC“ од 2019 година, принцот Ендру ги негираше сите обвинувања, велејќи дека „нема никакво сеќавање дека некогаш ја запознал таа жена“ и ја доведе во прашање автентичноста на фотографијата на која наводно се заедно.

Џуфре тврди дека потоа се сретнале уште два пати – еднаш во Њујорк, и еднаш на приватниот остров на Епштајн на Девствените Острови, кога имала околу 18 години. Принцот сè уште „најостро ги негира сите обвинувања“.

Тајна спогодба и основање фондација

Во февруари 2022 година, принцот Ендру постигна вонсудска спогодба со Џуфре, која го тужеше во САД. Износот не е официјално објавен, но се шпекулира дека кралицата Елизабета Втора лично ги покрила трошоците, кои се проценуваат на повеќе од 12 милиони долари.

Во книгата, Џуфре не ја открива сумата, но наведува:

„Откако принцот Ендру ја исплати спогодбата, започнав процес на претворање на мојата фондација „SOAR (Speak Out, Act, Reclaim)“ во професионална организација. Мојата цел е да се борам против трговијата со луѓе преку поддршка на програми за гонење, заштита и превенција“.

Додава дека планирала „дел од парите од Круната да ги искористи за добри дела“, алудирајќи на тоа дека средствата од спогодбата се вложени во хуманитарни цели.

Мемоарите „Ничија девојка“ нудат мрачен и потресен увид во животот на една жена која, и покрај сè, успеала својата болка да ја претвори во борба за правда и својот глас да го крене против еден од најмоќните луѓе на светот.