Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, на првата прес-конференција по почетокот на вториот изборен круг обвини дека Левица е неправедно исклучена од медиумскиот простор, откако АВМУ не ѝ дозволи политичко рекламирање.
Според него, со тоа, нанесен е удар врз демократијата, но најавува позитивна и проактивна кампања, иако, како што рече, условите не се рамноправни.
„Јас не сум најпаметен, ниту најдобар од сите скопјани“, рече тој. „Но знам дека скопјани заслужуваат град каде што нивниот глас нешто значи. Локалната политика е нашето секојдневие: улиците, воздухот, јавниот превоз, зеленилото. Тие работи не смеат да зависат од партиски договори“.
Тој порача дека нема да води деструктивна политика и ќе соработува со сите советнички групи. Нагласи и дека проблемите во претходниот мандат произлегле од партиски суети и лични конфликти. Ги повика и разочараните граѓани да излезат на гласање:
„Овојпат изборот е реален – старите партии веќе не се најголемиот фактор.“
На крај, му порача на својот противкандидат: „Подготвен сум на дебата, па и на јавен дуел под отворено небо. Нека народот нè слушне и избере.“