Во наредните три недели на плажата Зрќе во Новалија ќе бидат урнати 124 бесправно изградени објекти, соопшти Државниот инспекторат на Хрватска, пренесе „Јутарњи“. Од нив, 119 се наоѓаат во камп, а пет се угостителски објекти изградени без дозвола надвор од градежната зона.
Инспекторатот соопшти дека отстранувањето ќе се врши на трошок на сопствениците и е проценето на околу 720 илјади евра. Акции за уривање на нелегални градби ќе има и во други делови oд Хрватска.
Од 2019 година досега во таа земја се отстранети повеќе од 2300 нелегални градби, спроведени се повеќе од 42 илјади инспекциски надзори, поднесени се 334 кривични пријави, а изречените парични казни достигнуваат 16,5 милиони евра, соопшти Инспекторатот.