Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство, информира Министерството за култура и туризам.
„Во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга, информира дека министерот Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки. Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека при увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.
НУ Завод и музеј – Охрид го доставил наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување.
Од Министерството велат дека инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година..
„Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава“, велат од Министерството.
Владо Малески (5 септември 1919 – 23 септември 1984) е истакнат македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“. Роден е во Струга.