Железничката станица во најкус рок ќе биде исчистена од билборди, паноа и графити и ќе биде забрането да се поставуваат нови, а во исто време ќе почне подготовката на проекти за целосна реконструкција на објектот, за линија до аеродромот и за брза пруга на Коридорот 10. Ако се оди според планот, Синиша Ивановски, директор на „Македонски железници инфраструктура“, очекува изградбата да почне во текот на 2026 година, а дотогаш да се подготвуваат проектите на кои ќе работат заедно со Архитектонскиот и Градежниот факултет.
„Ќе се направи целосна реконструкција со особен акцент на зачувување на основниот изглед кој што е направен 1981 година по основниот проект на Кензо Танге, но со нови модерни елементи во архитектурата. Ќе има промени на инсталации, електро-инсталации, ќе се реши греењето, ладењето, водоводот. Она што станицата изгледа како пит-стоп на формула 1 веќе нема да биде така. Ќе има забрана за рекламирање и какви било билборди и се што во моментов го гледате. И за тоа нема да го чекаме проектот. Ќе почнеме веднаш. Договорите што ги имаме за закуп на рекламни паноа веќе нема да ги продолжуваме. Оние што се актуелни ќе ги замолиме компаниите за малку совесно, одговорно општествено однесување, да ги раскинеме спогодбено. Потоа ќе има промена на содржини. Железничката станица не може да биде турбо-фолк хаб во државата“, рече директорот Ивановски.
Се што не е дел од основниот проектот на Кензо Танге и низ годините било додадено на Транспортниот центар, директорот Ивановски вели дека ќе биде отстрането, вклучително и култниот објект за бојадисување кожа „Кенан“ кој од плоштадот беше преселен кај Железничката станица.
„Се што е во меѓувреме доградено од првичниот проект на Железничката станица ќе биде отстрането. Низ годините наназад некој тоа го легализирал, некој склучил некои договори кои не се баш правно издржани. Секоја надградба, дали се ресторани, дали е кој било комерцијален објект кој што излегува од првичниот проект, ќе биде отстранет“, вели директорот Ивановски.
Наша задача со овој проект е да направиме целосна реконструкција и рехабилитација на елементите од железницата, вели деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски
Тој очекува за пет до шест години од денес да бидат готови брзата пруга на Коридор 10, линијата до аеродромот и целосната реконструкција на Железничката станица.
Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски, смета дека овој проект е долго задоцнет, но веќе се гледа некаков почеток.
„Објектот на Железничката станица е многу значаен и битен меѓутоа не помалку битна е железничката мрежа, поточно железничкиот Коридор 10 кој што исто така не е во некоја добра состојба. Наша задача со овој проект е да направиме целосна реконструкција и рехабилитација на елементите од железницата во која што се јавуваат различни проблеми или санации со кои што ние ќе се занимаваме како институција од санирање и зајакнување на мостовски конструкции преку санирање и обезбедување таканаречени свлечишта, потпорни ѕидови и така натаму“, рече деканот Јосифовски.
Посебен предизвик за Архитектонскиот факултет, како што рече деканката Анета Христова – Поповска ќе биде работата на овој проект оти тој за земјата претставува пасош за влез во европското семејство.
На оригиналните аспекти на проектот на Кезно Танге ќе додадеме и нешто ново, вели деканката на Архитектонскиот факултет Анета Христова – Поповска
„Внимателно ќе ги преиспитаме оригиналните аспекти на проектот на дизајнот на Кензо Танге, ќе бидеме многу внимателни софистицирано да ги редизајнираме аспектите на дизајнот, но исто така да пружиме и нешто ново што скопјани долго време го очекуваат и претставува додадена вредност на она што денес претставуваат железничките станици. Тој приклучок со брзата линија, брзите железници во Европа е извонредна работа, го очекуваме со години, им го должиме на генерациите после нас но исто така тоа е една наша неостварена желба која што мислиме дека со оваа интервенција што ќе се направи ќе биде еден остварен сон“, рече деканката Христова-Поповска.
Со проектирање нема да брзаат, ќе работат во фази и за секоја фаза ќе ја известуваат јавноста.
Директорот Ивановски вели дека заедно со обновата на објектот, брзата пруга на Коридорот 10 и линијата до аеродромот, ќе работат и на санација на мостот на Црна река кој делумно се урна 2022 година, санација на неколку свлечишта во државата кои се проблем за железничкиот сообраќај и ремонт на пругата Зелениково – Велес за која постојано добива жалби дека возовите се движат многу споро.
Директорот Ивановски вели дека финансирањето на планираните активности е можно да биде дел од британската приказна оти стратешкото партнерство со Велика Британија предвидува работа на капитални инфраструктурни проекти, но не е исклучена и можноста да се реализираат со заем.