Во западниот дел на Париз се случи пукање со жртви, при што едно лице е убиено, а четворица повредени. Осомничениот е уапсен, а властите ја следат ситуацијата во контекст на претстојните протести против високите трошоци за живот.
Едно лице е убиено, а најмалку четири се повредени во пукање од автомобил што се случило денеска во департманот Ивлин, западно од Париз.
Осомничениот е уапсен во близина на градот Трап и е приведен, а полицијата соопшти дека мотивот за нападот засега не е познат. За апсењето прва извести телевизијата БФМ.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни изјави дека „сите расположливи безбедносни и правосудни сили се целосно ангажирани“, пренесува агенцијата АП.
Националното антитерористичко обвинителство соопшти дека ја следи ситуацијата. Претставниците на антитерористичкото обвинителство и судот засега не биле достапни за коментар.
Пукањето се случи во период кога Франција се подготвува за нови протести против високите трошоци за живот, најавени за утре, сабота.
Поради протестите, големите музеи ќе бидат затворени, а владата ќе распореди засилени полициски сили на улиците за да спречи повторување на насилните немири од минатата недела.








