[ВИДЕО] Скандал во Бугарија: Обезбедување собори новинарка на земја, се бара оставка од претседателката на парламентот

Макфакс

23/10/2026

13:03

748

Големина на фонт

а а а

Во Софија припадник на обезбедувањето на претседателката на парламентот Михаела Доцова силно ја соборил новинарката Соња Колтуклиева, што предизвика политички реакции и барања за оставка. Новинарката се здобила со скршеница на рамото, а службеникот е приведен, додека се води истрага за инцидентот.

Припадник на обезбедувањето на претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова, е приведен  кога во Софија силно ја турнал новинарката Соња Колтуклиева, која паднала на тротоарот и го повредила рамото.

Инцидентот се случил синоќа пред седиштето на партијата „Прогресивна Бугарија“ во Софија. Снимката предизвика остри политички реакции и барања за оставка од претседателката на парламентот, пренесува бугарската државна новинска агенција БТА.

Колтуклиева по инцидентот била прегледана во Военомедицинската академија, каде што, според нејзините зборови, ѝ била констатирана скршеница на рамото.

Откако дала исказ пред военото обвинителство, изјавила дека против припадникот на обезбедувањето е поведена кривична постапка. Службеникот на Националната служба за обезбедување (НСО) потоа бил изведен од зградата на обвинителството со лисици на рацете.

На снимката што се прошири на социјалните мрежи се гледа како новинарката се приближува до службениот автомобил во кој влегла претседателката на парламентот и ја отвора вратата за да ѝ постави прашање.

Во тој момент се приближува припадник на обезбедувањето, ја турка и ја соборува на земја, по што колоната возила го напушта местото.

Колтуклиева објаснила дека се обидувала да ја праша Доцова зошто пропаднале седниците поврзани со случајот за помилување на лице познато под прекарот „Петрички Ескобар“.

Таа навела дека, откако вратата на автомобилот била затворена, повторно ја отворила, држејќи го мобилниот телефон високо во раката.

„И во следниот момент еден маж, очигледно припадник на обезбедувањето, се залета и ме удри во рамото“, раскажала новинарката.

Таа додала дека за време на лекарскиот преглед ѝ биле направени шест рендгенски снимки на различни делови од телото.

Доцова подоцна се појавила пред военото обвинителство, каде што се обидела да разговара со повредената новинарка.

Таа изјавила дека не видела што се случило откако нејзиниот автомобил тргнал и дека припадниците на обезбедувањето постапуваат според службени правила врз кои таа нема влијание.

„Како човек и како жена изразувам најдлабоко жалење за она што се случи“, изјавила Доцова.

Таа додала дека отворањето на вратата на службениот автомобил многу ја исплашило и најавила дека ќе побара целосна истрага за инцидентот.

Новинарката не го прифатила нејзиното објаснување. Пред новинарите изјавила дека ѝ рекла на претседателката на парламентот да си замине, бидејќи не смета дека нејзиното извинување е искрено.

„Ѝ реков да си замине, дека ништо од она што го зборува не е искрено и дека се обидуваат мене, жртвата, да ме прикажат како виновна“, изјавила Колтуклиева.

Националната служба за обезбедување нареди итна проверка на постапувањето на своите вработени.

Од службата соопштија дека ќе преземат најстроги мерки доколку се утврди дека постапувањето на обезбедувањето не било пропорционално на околностите.

Истовремено, потсетија дека законот предвидува заштита на лицата што ги обезбедуваат и дека обидите за загрозување на нивната безбедност бараат соодветна реакција. За случајот е надлежно военото обвинителство.

Снимката од инцидентот предизвика реакции кај бугарските политички партии, вклучително и барања за оставка од претседателката на парламентот.

Опозициските ГЕРБ-СДС и ДПС побараа нејзино повлекување, додека бугарската претседателка Илијана Јотова го осуди постапувањето на обезбедувањето и повика да се утврди одговорноста за инцидентот.