Откритие кое ја менува сликата за праисторијата: Фосил од слон стар 400.000 години откриен во Рим

Точка

13/10/2025

22:00

456

Големина на фонт

а а а

Група археолози и палеонтолози открија остатоци од праисториски слон на бреговите на Тибар, во местото Казал Лумброзо, западно предградие на Рим. Археолошките ископувања започнале во 2017 година, но биле прекинати поради пандемијата, а продолжиле во 2023 година, пишува РТС.

Тим составен од истражувачи од Универзитетот Ла Сапиенца, Музејот на цивилизациите, Националниот совет за истражувања и Специјалната служба за надзор на Рим, пронашол делумен скелет од слон, опкружен со стотици фрагменти од коски и камени орудија.


Како што пренесуваат италијанските медиуми, меѓу кои и весникот „Ла Република“, од универзитетот објаснуваат дека остатоците се поврзани со изработка на предмети од камен, односно дека биле пронајдени алатки изработени од коски на самиот слон. Анализите покажале дека животното не служело само како извор на храна за нашите предци, туку и како суровина за изработка на орудија и оружје од коски. Тоа укажува на промислено користење на ресурсите од страна на тогашните луѓе.

Природна лабораторија од плеистоценот

Благодарение на геохемиските анализи на вулканските седименти, се смета дека наоѓалиштето потекнува од периодот пред околу 400.000 години. Изотопските испитувања на забот на животното укажале на топла и влажна, шумовита средина, сосема различна од денешните услови во тој регион.

Во тој екосистем живееле носорози, елени, бизони и волци. За време на истражувањата биле идентификувани повеќе од 300 предмети направени од коски и делови од коски, како и околу 500 парчиња камени орудија, претежно со мали димензии, што зборува за прилагодливоста и домисленоста на ловците кои живееле во области без важен ресурс како што бил каменот.


Значењето на откритието

Локалитетот Казал Лумброзо се наметнува како клучна точка за проучување на односот меѓу древните хоминиди и големата европска фауна. Траговите од обработка на коски и присуството на орудија укажуваат на заедница способна за соработка, планирање и пренесување знаење.

Според научниците, главните актери во оваа праисториска сцена најверојатно припаѓале на видот хајделбершки човек (Homo heidelbergensis) – заеднички предок на неандерталецот и модерниот човек. Во свет во кој опстанокот зависел од снаодливост, секој животински леш претставувал целосен ресурс: храна, алат, материјал.


„Ова истражување придонесува за реконструкција на настани од еден длабоко различен, но географски близок свет: покрај течението на мала река, група ловци го раскомадала слонот и ги искористила неговите коски како орудија,“ објаснуваат авторите на студијата.

Рим – престолнина и во праисторијата

Целосните резултати од истражувањето, објавени во меѓународното научно списание „PLOS ONE“, ја потврдуваат улогата на Рим како едно од најбогатите наоѓалишта во Европа за проучување на човечката еволуција и нејзината интеракција со плеистоценската мегафауна.


Откритието во Казал Лумброзо не претставува само придонес кон палеонтологијата, туку и редок поглед во нашето далечно минато. Под тревниците, плоштадите и улиците на италијанската престолнина сè уште опстојува древна приказна што излегува на површина – фрагмент по фрагмент.