СДСМ: По наркоскандалот на директорот на Неврологија мора кривична одговорност и темелна истрага

Макфакс

11/10/2025

12:57

216

Големина на фонт

а а а

По скандалот со директорот на Клиниката за неврологија, кој беше снимен како консумира дрога, од СДСМ реагираат дека повлекувањето од функцијата не е доволно и бараат целосна кривична и институционална одговорност.

„Ова е мега скандал на власта и мора да има кривична одговорност и темелна истрага на целокупната негова работа, бидејќи се работи за здравството и за здравјето на луѓето,“ изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.

Според Радеска, доколку лице што управува со здравствена установа користело дрога, се отвора сериозно прашање како тоа влијаело врз неговите одлуки како директор, врз здравјето на пациентите и врз безбедноста и функционирањето на клиниката.

„Сите надлежни институции мора веднаш да го повикаат на распит и да го преиспитаат целото негово работење – сите тендери, одлуки, финансиски трансакции и кадровски именувања во периодот кога тој раководел со клиниката,“ додаде таа, потсетувајќи дека и Државната ревизија констатирала неправилности во клиничките испитувања и процедурите.

Од СДСМ бараат и Министерството за здравство да побара од Лекарската комора да му биде одземена лиценцата за работа сè додека трае истрагата.

„Не може човек што се дрогира да се занимава со здравјето на луѓето или со медицина,“ нагласи Радеска.

СДСМ оценува дека случајот е показател за хаосот во здравството под власта на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нема лекови, нема операции, луѓето не можат да добијат здравствена услуга, а директорите на ДПМНЕ се дрогираат. Срамно и тажно во исто време,“ стои во реакцијата на партијата.

Од таму додаваат дека е фрапирачко молкот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за овој случај.

„Додека неговите директори се фатени со дрога, Мицкоски не може да зборува за морал ниту за вредности,“ порача Радеска.