Изминатиот викенд во северна Јапонија, околу 1.800 луѓе учествувале во несекојдневен подвиг, каде што со заеднички сили ја поместиле кулата на замокот Хиросаки тешка дури 360 тони.
Со помош на јажиња и валјаци, историската градба била поместена нешто повеќе од два метри за ѝ да се приближи на својата изворна положба во рамките на големиот проект за обнова. Настанот привлече учесници од различни делови на Јапонија, но и од други краишта на светот, пишува Гардијан.
Кулата претходно била привремено поместена заради санација на камениот ѕид врз којшто стои, а кој бил оштетен во силниот земјотрес во 2015 година.
За нејзиното поместување била користена традиционалната јапонска техника-хикија, во чии рамки градбите се ставаат на валјаци и се поместуваат без расклопување.
„Кулата е заштитено културно добро од национално значење, затоа не ја расклопивме. Користиме хикија, древна метода на преместување градби“, изјави Кенсуке Хајасака, раководител на градскиот оддел за паркови и зелени површини.
Откако биле завршени работите на темелот, градските власти повторно ги повикале граѓаните да помогнат во враќањето на кулата кон нејзината првобитна положба. Тимови од по 80 луѓе се менувале, влечејќи јажиња долги 30 метри, а кулата во саботата била поместена 1,13 метри, а во недела дополнителни 1,09 метри.
Интересот на граѓаните бил огромен. Во текот на два дена околу 8.000 луѓе се пријавиле за 1.800 места, што е четири пати повеќе од достапниот број. Учесниците пристигнале од различни делови на Јапонија, но и од југоисточна Азија, Европа и Северна Америка.
„Ја влечев и пред 11 години. Особено ме трогна тоа што добив можност повторно да учествувам. Нема друга можност за вакво повлекување на замокот – беше фантастично“, истакна 61-годиѓниот Мотохару Наката од Хирошима.
Рачното поместување на кулата треба да продолжи до крајот на август. Планот е вкупно 4.100 луѓе да ја поместат за пет метри, додека преостанатите 73 метри ќе бидат завршени до крајот на годината со помош на машини.
Целта на проектот не е само обнова на историската зграда, туку и вклучување на локалната заедница во зачувувањето на важен дел од јапонското културно наследство.
Кулата на замокот Хиросаки е една од само 12-те преживеани градби од ваков вид во Јапонија и единствена во североисточниот регион Тохоку.
Замокот бил завршен во 1611 година, додека неговата оригинална кула изгорела во 1627 година по удар од гром. Сегашната градба била реновирана во 1810 година.
Денес, замокот се наоѓа во парк што го посетуваат околу два милиони луѓе за време на сезоната на цветање на црешите.
Поради тековните работи, кулата ќе биде затворена за посетители со години, а според сегашните процени, нејзиното повторно отворање се очекува во 2033 година.














