„Јас сум најсреќната личност на светот“, вели поранешна заложничка од Газа

Макфакс

09/10/2025

13:15

172

Големина на фонт

а а а

Авива Сигел, жена која помина 51 ден во заробеништво во Газа, ја опиша својата огромна среќа поради договорот за враќање на преостанатите израелски заложници, што е предвидено во првата фаза од планот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел. Сигел беше киднапирана заедно со нејзиниот сопруг Кит на 7 октомври 2023 година, кој, пак, помина 484 дена во заложништво, објави CNN.

Во интервју за медиумите, Сигел не го криеше своето воодушевување. „Толку сум среќна. Танцувам. Јас сум најсреќната личност на светот“, рече таа.

Поранешната заложничка особено го истакна своето возбудување поради претстојното враќање на близнаците Гали и Зив Берман, кои Хамас ги држи две години.

„Ги замислувам Гали и Зиви, како се враќаат и ја прегрнуваат својата мајка. И тоа се случува… тие се враќаат дома. Заложниците се враќаат дома“, рече таа емотивно.

Таа, исто така, се потсети на тешките денови во заробеништво, опишувајќи како направила сè што можела за да преживее. Таа нагласи дека им требало време нејзе и на нејзиниот сопруг да разберат низ што поминале и повторно да се навикнат на животот дома. Истото, додаде таа, ги очекува и другите заложници.

„Ќе им требаат многу прегратки и многу поддршка“, рече таа.

Со солзи во очите, заклучи дека она што најмногу го сака е сите да се вратат во нормалниот живот.

„Не живеевме во последните две години… не живеевме“, рече таа.