По пристигнувањето на турските беспилотни летала во Приштина, имаше остра реакција од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ја обвини Турција дека сонува за обнова на Отоманската Империја. Со овој потег, Србија премина од „златно доба“ во односите со Турција и пријателството со Ердоган на отворени политички тензии за само една година, пишува N1.
Косовскиот премиер Албин Курти претходно објави на Фејсбук дека пристигнале беспилотните летала, додавајќи дека десетици безбедносни сили веќе се обучени да ги користат.
Курти објасни дека договорот со турската компанија Бајкар бил потпишан во декември минатата година, а дроновите биле испорачани три месеци пред предвидениот рок. Тој нагласи дека Косово „продолжува да ја зајакнува ударната моќ на својата армија“ со модерна технологија.
Реагирајќи на веста, Вучиќ остро го осуди потегот на Турција, велејќи дека е „ужасен“ и дека тоа „јасно покажува дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан“.
„Згрозен сум од однесувањето на Турција и грубото кршење на Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, како и од континуираното вооружување на властите во Приштина. Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан и дека сонува за оживување на Отоманската империја. Србија е мала земја, но ние добро ја разбравме пораката“, рече Александар Вучиќ.
Реагираше и владината Канцеларија за Косово и Метохија, а нејзиниот директор Петар Петковиќ ја повтори оценката на Вучиќ дека Србија „ја разбрала пораката“ и дека „не е случајно“ што беспилотните летала биле доставени во Косово три месеци пред предвиденото.
Турција го направи ова, смета Петковиќ, „само неколку дена пред локалните избори“, со цел да му ја обезбеди на премиерот на Приштина „потребната поддршка пред изборите на 12 октомври, за да може да продолжи да го тероризира српскиот народ“.
Петковиќ рече дека Белград „ќе продолжи одговорно да го зачувува мирот и стабилноста, и покрај вооружените сојузи што се создаваат на штета на мирот и претставуваат директна закана“.