Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, остана неповреден по нападот врз возилото во кое се наоѓаше, извршен од повеќе лица на југот на земјата, во момент кога траеја домородни демонстрации против владата, објави министерката за животна средина и енергија, Инес Манзано.
„Околу 500 лица се појавија и почнаа да фрлаат камења кон претседателската колона, а има и јасни траги од куршуми на возилото на претседателот“, изјави Манзано, нагласувајќи дека Нобоа не е повреден.
Претседателската канцеларија на мрежата „X“ (поранешен „Twitter“) објави дека станува збор за „напад“, придружено со видеоснимка од внатрешноста на едно од возилата во колоната, во моментот кога неколку проектили удираат во прозорците, а некој од внатрешноста извикал: „Долу главите!“
Според изјавите на владините претставници, пренесени од „Al Jazeera“, група од околу 500 демонстранти го опколиле автомобилот на претседателот и фрлале камења, при што е направена значителна штета.
Инцидентот се случил во јужно-централната провинција Канар, додека Нобоа пристигнувал во кантонот Ел Тамбо на настан поврзан со проекти за третман на вода и канализација.
„Пукање врз автомобилот на претседателот, фрлање камења, уништување државен имот – тоа е криминал“, изјави Манзано.
По нападот, канцеларијата на претседателот издаде соопштение, ветувајќи дека одговорните ќе бидат изведени пред правдата.
Според Манзано, пет лица се уапсени, а претседателот останал неповреден. Видео објавено од претседателската канцеларија го прикажува конвојот на Нобоа како минува низ улица покрај демонстранти кои фрлаат камења, создавајќи пукнатини на стаклата на возилата. На една фотографија се гледа сребрено теренско возило со скршен страничен прозорец и напукнато ветробранско стакло. Не е потврдено дали е испукан вистински куршум.
Кој е Даниел Нобоа?
Даниел Нобоа го изненади еквадорскиот електорат во 2023 година, кога победи на вонредните претседателски избори откако тогашниот претседател Гијермо Ласо ја распушти Националната асамблеја и го скрати својот мандат. Во тој момент, Нобоа имаше кратка законодавна кариера и немаше политичка инфраструктура зад себе.
Овој конзервативен милионер во април годинава повторно ја порази левичарската кандидатка Луиса Гонзалес, штитеничка на поранешниот претседател Рафаел Кореа, во вториот круг и обезбеди четиригодишен мандат, пишува „AP“.
Новиот мандат му овозможува на 37-годишниот Нобоа, наследник на богатство стекнато преку трговија со банани, да продолжи со своите бескомпромисни политики за борба против криминалот – стратегии кои дел од јавноста ги поддржува, но кои истовремено ги тестираат границите на законот и демократското управување.
Нобоа настојуваше да изгради тесни односи со администрацијата на Доналд Трамп. Според професорката Грејс Харамило, експертка за Андскиот регион на Универзитетот во Британска Колумбија, таа блискост имала влијание врз дел од гласачите.
„Повеќето Еквадорци имаат роднини мигранти и добро знаат дека сценарио со левичар како Гонзалес би можело да биде катастрофално во однос на депортациите. Покажувањето блискост со Трамп беше клучно за многу семејства“, изјави Харамило.
Внатрешен вооружен конфликт и контроверзни потези
Еквадор од јануари 2024 година се наоѓа под состојба на внатрешен вооружен конфликт, што Нобоа го прогласи за да ја мобилизира војската, особено во затворите, каде што организираниот криминал има силно влијание.
На изненадување и осуда на светските лидери, Нобоа одобри полициски упад во амбасадата на Мексико во Кито, за да биде уапсен поранешниот потпретседател Хорхе Глас, осуден криминалец и бегалец кој со месеци се криеше таму.
Во текот на изборната кампања годинава, Нобоа привремено ѝ ги префрли претседателските овластувања на потпретседателката Вероника Абад, како што предвидува законот. Но, нивните односи се влошија уште пред да ја преземат власта. Набрзо потоа, Нобоа ја испрати Абад како амбасадорка во Израел, што во практика значеше нејзино политичко отстранување од земјата. Таа својата мисија ја опиша како „присилно прогонство“.
Безбедносни и економски предизвици
Борбата против криминалот беше централна тема во кампањата на Нобоа, наведува „Al Jazeera“. Еквадор, некогаш познат како „остров на мирот“ во Јужна Америка, денес се соочува со нагло зголемена стапка на убиства, бидејќи криминалните групи ги прошируваат рутите за шверц на дрога низ земјата.
Покрај безбедносните проблеми, економијата на Еквадор се бори да закрепне по пандемијата на Ковид-19.
Во последните месеци, Нобоа се соочи со силни протести поради укинувањето на субвенциите за гориво – мерка за која неговите противници тврдат дека ги погодува сиромашните слоеви на населението. Владата, пак, вели дека субвенциите создавале високи државни трошоци и дека често завршувале во шверцување и нелегална експлоатација на ресурси.
Во соопштение од 12 септември, претседателството објави дека околу 1,1 милијарда долари од субвенции ќе бидат пренасочени кон директна поддршка за мали земјоделци и транспортни работници.
Протести и обвинувања за инсценација
Најмоќната организација на домородните заедници, „CONAIE“ (Конфедерација на автохтони народи на Еквадор), повика на штрајк и блокади на патишта како одговор на укинувањето на субвенциите.
По нападот на колоната на Нобоа, организацијата ги отфрли тврдењата дека станува збор за организиран напад, обвинувајќи ја владата за „инсценирано насилство“ против демонстрантите.
„Ги осудуваме произволните апсења на најмалку петмина наши соборци. Меѓу нападнатите има и повозрасни жени“, соопшти „CONAIE“ на мрежата „X“.
„Протестите влегоа во 16-тиот ден. Народот не е непријател,“ стои во нивната објава.
Претходни инциденти и биографија
Ова не е првпат владата на Нобоа да тврди дека претседателот бил цел на обид за атентат. Во април, веднаш по вториот круг на изборите, властите прогласија „максимална тревога“, тврдејќи дека атентатори од Мексико влегле во земјата со цел дестабилизација на владата.
Кариера, богатство и личен живот
Нобоа ја основал компанијата „DNA Entertainment Group“ за организација на настани на 18-годишна возраст, а потоа се приклучил на конгломератот „Noboa Corp.“ на својот татко, каде што бил на раководни позиции во бродарство, логистика и трговија.
Во политиката влегол во 2021 година, кога бил избран во Националното собрание, каде претседавал со Комисијата за економски развој.
Неговиот татко, Алваро Нобоа, е сопственик на „Noboa Corporation“, еден од најголемите извозници на банани во светот. Даниел Нобоа се смета за наследник на компанијата.
Во октомври 2023 година, бразилскиот весник „Folha de S. Paulo“ откри дека Нобоа е сопственик на две офшор-компании со седиште во Панама, а според документите од „Panama Papers“, а поврзан е и со неколку други компании во даночни раеви во сопственост на неговото семејство.
Нобоа се смета за економски либерален и про-бизнис социјален либерал, но одбива да се идентификува со левицата или десницата, опишувајќи ја својата политика како централно-лева.
Тој јавно ги поддржува правата на "LGBTQ+"+ заедницата, осудува дискриминација и предлага подобар пристап до хормонска терапија и психолошка поддршка за транс лица.
Во своите планови предвидува и проширување на услугите за сексуално и репродуктивно здравје, безбеден пристап до абортус, пренатална нега и сексуално образование, како и програми за спречување дискриминација врз жените и "LGBTQ+"+ заедницата.
Роден е на 30 ноември 1987 година во Мајами, Флорида, но израснал во Гвајакил, Еквадор.
Дипломирал на „Stern School of Business“ при „New York University“ во 2010 година, а подоцна стекнал MBA диплома на „Kellogg School of Management“ при „Northwestern University“. Во 2022 година завршил мастер студии по политичка комуникација и стратешки менаџмент на „George Washington University“ под менторство на професорот Роберт Изуриета, кој денес е негов секретар за медиуми.
Од првиот брак со Габриела Голдбаум, од која се развел, има ќерка. Во 2019 година ја запознал Лавинија Валбонеси, инфлуенсерка на социјалните мрежи, која ја ангажирал како лична нутриционистка. Се венчале во 2021 година и имаат два сина.