Рубио: Мислам дека Израел разбира дека заложниците не можат да бидат ослободени среде воздушните напади

Макфакс

06/10/2025

07:51

196

Големина на фонт

а а а

Војната во Газа го оштети јавниот имиџ на Израел, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.

Според Ројтерс, американскиот државен секретар го даде коментарот откако Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека ќе ги прекинат офанзивните операции во градот Газа, по договорот за размена на затвореници меѓу Израел и Хамас, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела.

„Без разлика дали ни се допаѓа или не, видовме земји како Обединетото Кралство, Австралија, Канада и други на некој начин изразуваат поддршка – или најавуваат поддршка – за палестинска држава. Видовме, дури и во нашата внатрешна политика, одредени напади врз Израел“, рече Рубио вчера во емисијата „Face the Nation“ на Си-би-ес.

„Мислам дека тоа е поентата што ја истакнува претседателот – без разлика дали верувате дека постапките на Израел беа оправдани или не, не можете да го игнорирате влијанието што ова го имаше врз глобалниот углед на Израел“, додаде тој.

Израел досега го отфрли повикот на Трамп за итно запирање на воздушните напади во палестинската енклава, каде што бројот на жртви достигна 67.000 од октомври 2023 година.

Сепак, Рубио изрази увереност дека Израел ќе ги запре нападите штом ќе се финализира договорот за размена на затвореници. „Откако ќе се разработат логистичките детали за тоа како тоа ќе се направи – мислам дека Израелците и сите други разбираат дека заложниците не можат да бидат ослободени среде воздушни напади, па затоа нападите ќе мора да престанат“, рече тој.

Иако Хамас се согласи да ги предаде сите преостанати израелски заложници во замена за палестински затвореници, досега одбиваше да се разоружа. Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одби да се обврзе на целосно повлекување од Појасот Газа.