Бугарија изминативе денови беше зафатена од разорни поплави предизвикани од обилни врнежи, во кои животот го загубија четири лица.
Четвртата жртва на поплавите во областа на туристичката населба Елените во Бугарија беше пронајдена синоќа, соопшти директорот на Регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Бургас, виш комесар Владимир Маринов.
„Добивме дојава од руски државјанин кој рече дека денес пристигнал од Русија, откако не можел да стапи во контакт со својата сопруга. Семејството поседува вила во местото Елените, во делот каде количината на вода беше најголема“, изјави Маринов, пренесе агенцијата „BTA“.
Како што се наведува, тој пристигнал на лице место и ја покажал локацијата на куќата на тимот кој спроведувал активности за расчистување. Пронајдено било телото на неговата сопруга, жена на возраст од 58 години. Телото било затрупано под кал и урнатини кои ги носел силниот поплавен бран.
„Ќе следи преглед на телото, со соодветни процедури и истражни дејства. На дојавата веднаш беше реагирано. Ова е четврт смртен случај. Ќе биде направен судско-медицински преглед за да се утврди причината за смртта“, изјави Маринов.
Претходно денес, „BTA“ објави дека ситуацијата во летувалиштето Елените и поширокиот регион на Бургас, на југоистокот од Бугарија, полека се враќа во нормала по разорниот поплавен бран кој го зафати ова туристичко место.
Во текот на претходната ноќ, екипи од Службата за противпожарна безбедност и заштита на населението, заедно со единици на полицијата и жандармеријата, останаа распоредени во областа за да обезбедат сигурност за жителите и туристите кои беа евакуирани.
Во невремето животот го загубија двајца спасувачи и еден граѓанин, кој се наоѓал во соба на приземјето од својата куќа во моментот кога пристигнал првиот голем воден бран.