Најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски, триумфираше на Скопскиот маратон со фантастично време од 2:14,50 часа, оставајќи ја зад себе конкуренцијата од Кенија и други држави.
Нашиот маратонец одлично ја темпираше трката — долго време беше во водечката група, потоа падна на втората позиција, но со моќен финиш успеа да го престигне кениецот Џулијан Кипкоеч и по вторпат да се закити со титулата на домашниот маратон.
Кипкоеч заврши втор со заостанување од 30 секунди, а третото место му припадна на грузискиот Давити Каразишвили.
Оваа година, 21-то издание на Скопскиот маратон донесе вистински спортски спектакл со рекорден број од над 14.000 учесници.
Во полумаратонската трка, славеше Албион Имери од Албанија, додека Иван Пешовски и Александар Арсов ги освоија второто и третото место.
Кај жените, Греша Бакрачи од Косово беше најбрза на полумаратонската патека, пред македонските атлетичарки Теа Божиновска и Милјана Ристиќ Стојчевска.