Денеска во Скопје се одржа 21. Визер Скопски маратон. Првпат институцијата Собрание настапи како организиран тим, со силна порака за блискост со граѓаните и тимски дух, под мотото „Собрание за граѓаните – трчаме заедно“, информираат од прес службата на Собранието на Македонија.
64 пратеници и службеници од Собранието трчаа во неколку дисциплини, и тоа: полумаратон, штафета и трка на 5 километри, за промоција на здрави навики, солидарност и институционална отвореност кон граѓаните.
Учеството на Маратонот е дел од Планот за подобрување и ЦАФ мерки кои успешно се имплементираат во Собранието од септември 2025 година, согласно Програмата за собраниска поддршка (ПСП).
На штафетата, Собранието беше претставено од 2 екипи, додека на полумаратонот трчаа 6 претставници. Во трката на 5 километри учествуваа 50 претставници на Собранието.
„Пратениците и службениците со гордост ја пренесоа пораката дека Собранието е институција блиска до граѓаните, која трча заедно со нив – во спортот и во развојот на општеството. Во суштина, ова учество не е само спортски настан — тоа е симболична порака за транспарентност, соработка и човечки пристап во работата на Собранието“, стои во соопштението.