Во последните 24 часа, израелските сили извршија 93 напади врз Појасот Газа во кои беа убиени најмалку 70 Палестинци, соопшти Канцеларијата за медиуми во Газа.
Канцеларијата изјави дека 93 израелски воздушни и артилериски напади биле насочени кон густо населени цивилни области, како и раселени Палестинци низ окупираната палестинска енклава, објави Ал Џезира.
– Ова ново злосторство спаѓа во рамките на тековниот геноцид врз нашиот палестински народ и потврдува дека окупаторот ги игнорира сите меѓународни повици за смиреност и инсистира на продолжување на систематското убивање на цивили и уништување на темелите на животот во Појасот Газа – се вели во соопштението на прес-службата.
Канцеларијата апелираше до администрацијата на Трамп и меѓународната заедница да преземат „сериозни, ефикасни и итни мерки“ за да го спречат израелското бомбардирање.
Според проценките на израелската армија, околу 900.000 од вкупно околу еден милион Палестинци, кои живееле во градот Газа и северниот дел од енклавата пред големата офанзива на Израелските одбранбени сили (ИДФ), биле евакуирани на југ од Појасот Газа.
Според израелските податоци, бројот на Палестинци кои го напуштаат северниот дел од Појасот Газа се зголемил во последните недели по напредувањето на израелската армија, објави „Тајмс оф Израел“.
Сепак, Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарните прашања на 2 октомври објави дека „се проценува дека стотици илјади луѓе остануваат во градот Газа и северниот дел од енклавата“.
Минатиот месец на цивилите им беше наредено да го евакуираат градот Газа и сите области во северниот дел на енклавата и да се упатат кон хуманитарната зона назначена од Израел во јужниот дел на Појасот Газа.