[ФОТО/ВИДЕО] Што ни е познато, а што не ни е: Сè што треба да знаете за мировниот план на Трамп за Газа

Точка

04/10/2025

14:55

703

Големина на фонт

а а а

Милитантната исламистичка организација Хамас делумно го прифати мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа.

Со тоа се отвора можност за прекин на војната, но и низа нови прашања, пред сè за судбината на заложниците и идните потези на израелската војска.

Што ни е досега познато

Според извештаите, Хамас се согласил со делови од Трамповиот план, вклучувајќи го и основниот принцип за ослободување на сите заложници што ги држи во Газа. Сепак, организацијата побарала дополнителни преговори, оценувајќи дека планот е „нејасен“ и „двосмислен“.

Според израелските податоци, во моментов 48 заложници сè уште се во рацете на Хамас, меѓу кои има и државјани на повеќе европски земји, вклучувајќи го и Алон Охел од Србија. Од нив, според информациите на израелските власти, 20 лица сè уште се живи.


Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, наговестил можност дека Израел би можел да попушти и да започне со спроведување на првата фаза од планот. Сепак, израелската војска продолжува со офанзивата против Хамас во градот Газа.

Од медицински извори во Појасот Газа беше соопштено дека за време на израелските напади во саботата наутро имало загинати и повредени. Војската ги предупреди жителите да не се враќаат во градот Газа, кој и понатаму е „опасна воена зона“.


Што е помалку познато

Според израелските медиуми, се планира Израел да испрати делегација на разговори во Египет, во местото Ел-Ариш, близу Газа. Преговорите би можеле да започнат во недела, но сè уште нема официјална потврда ниту од Израел, ниту од Египет.

Хамас бара Израел да го спроведе ослободувањето на палестинските затвореници и да се обезбедат „соодветни теренски услови“ за размена, но без да прецизира што точно подразбира под тоа.



Во своето соопштение, Хамас не го коментирале делот од планот што се однесува на нивната демилитаризација и разоружување, што останува едно од најспорните прашања.

Портпаролката на израелската војска изјави дека официјална наредба за запирање на нападите не е издадена, па засега не е јасно дали планот ќе донесе вистински прекин на огнот.


Деталите за тоа како ќе се спроведува првата фаза од Трамповиот план сè уште не се познати. Се очекува таа да опфати прекин на бомбардирањата, ослободување на заложниците и почеток на повлекувањето на израелските сили од одредени делови на Газа.


Трамповиот мировен план за Газа потенцијално претставува најзначајниот обид за запирање на војната, но клучните прашања — како што се разоружувањето на Хамас, безбедноста на Израел и конкретниот механизам за спроведување — сè уште немаат јасни одговори.