Германската полиција уапси Хрват поради дрон над аеродромот во Франкфурт

Макфакс

04/10/2025

17:25

304

Големина на фонт

а а а

Германската полиција уапси 41-годишен хрватски државјанин под сомнение дека управувал со дрон во близина на аеродромот во Франкфурт, пренесува германскиот весник „Билд“. Инцидентот се случил во четвртокот, на 2 октомври, а денеска полицијата објави повеќе информации за случајот.

Дронот бил забележан во западниот дел на аеродромот, на оддалеченост од околу 700 метри од пистите. Благодарение на системот за брза реакција и детекција, беспилотното летало веднаш било лоцирано и запленето, а не било потребно прекинување на воздушниот сообраќај.

„Нема индикации за каква било поврзаност на осомничениот со Русија“ соопшти портпаролот на полицијата за германските медиуми, додавајќи дека околностите под кои дронот се нашол во близина на аеродромот сè уште се предмет на истрага.

Сè уште не е познато дали станува збор за комерцијален аматерски дрон или за поголем летачки објект. Против осомничениот е покрената прекршочна постапка поради прекршување на безбедносните прописи.

Полицијата нагласи дека овој случај не е поврзан со неодамнешните инциденти со дронови во Минхен.