Димитар Костадиноски, кандидат за градоначалник за општина Јегуновце од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, ги истакна сите реализирани проекти за неговиот четиригодишен мандат во општина Јегуновце.
Костадиноски истакна дека во општина Јегуновце е регулирано речното корито на реката Вардар, отворени се две нови градинки, асфалтирани улици, и нови тротоари.
„Во изминатиот период го регулиравме речното корито на река Вардар, обезбедивме вода за пиење, изградивме фекални канализации во неколку населени места, отворивме две детски градинки, асфалтиравме локални улици, изградивме тротоари, им дадовме нов живот на училиштата, на парковите, но најмногу од се ја вративме надежта“, истакна Костадиноски.
Во новата програма Костадиноски потенцираше дел од важните проекти и тоа изградба на нови фекални канализации, нови улици, тротоари и земјоделски патишта за земјоделците, како и изградба на современи паркови.
„Во новата програма планираме да изградиме нови фекални канализации во останатите населени места, нови локални улици, тротоари и земјоделски патишта за нашите највредни земјоделци. Изградба на современи паркови опремени во сите стандарди, ќе продолжиме со инвестиции во образованието, културата и спортот, набавка на нови возила за собирање на комунален смет, противпожарно возило кое е потребно за сите жители на општина Јегуновце“, рече Костадиноски.