Богдановски: Теарце добива нов резервоар за вода, мултифункционални игралишта и подобрување на патната инфраструктура

Макфакс

04/10/2025

17:19

170

Големина на фонт

а а а

Томислав Богдановски носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, за Советот на Општина Теарце, на денешниот митинг во општина Теарце, кој е во рамки на кампањата за локалните избори, и истата се води под слоганот ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина“, истакна дека Општина Теарце заслужува подобри услови за живот. Тој додаде и дека ќе се вложува во патишта, осветлување, училишта, спорт, култура и туризам и како што вели тој, никој нема да биде заборавен.

„Стојам пред вас како млад човек, носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Теарце. Стојам со чисто срце, со јасна визија и со безрезервна волја да ја вложам целата своја енергија за подобрување на животот на секој жител во оваа општина“ рече Богдановски.

Тој истакна дека Непроштено има реална потреба од ново училиште за учениците кои учат на македонски јазик, како и од подобрување на општата инфраструктура, спортските и рекреативните површини, осветлувањето.

„Мојата најголема сила не доаѓа од функцијата, туку од вас, граѓаните. Јас ќе бидам тој што ќе го даде својот придонес за Непроштено да живее достоинствено, онака како што заслужува. Непроштено заслужува реновирано спортско игралиште, рекреативно катче за најмалите, модерна инфраструктура“, истакна Богдановски.

Богдановски додаде дека Лешок заслужува пристоен животен стандард преку обезбедување чиста вода за пиење, подобрена инфраструктура и улично осветлување, уреден влез во селото и безбедни патишта

„Лешок не заслужува да биде само убаво име на хартија, туку и место кое ќе биде центар на туризмот во Полошкиот регион“, кажа Богдановски и додаде:

„Ние сме 7 села со седум срца кои чукаат заедно. Јас нема да ве гледам како гласачи, туку како соработници. Ќе бидам тука не само пред избори, туку секогаш кога ќе треба . Го познавам секое село, секој сокак, секој проблем и заедно ќе ги решаваме. Со поддршка од централната власт и Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, знам дека ќе успееме“.