Левица со народен собир во Кичево

Макфакс

04/10/2025

14:28

174

Големина на фонт

а а а

Во Кичево денеска се одржа народен собир на Левица, на кој беше промовирана советничката листа и програмата за локалните избори. На настанот присуствуваа носителот на листата за советници Бојан Мишковски, генералниот секретар на партијата и кандидатка за градоначалник на Струга, Јована Мојсоска, како и претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

„Денес сме овде заедно со граѓаните на Кичево за да ја промовираме нашата кандидатура и она што Левица сака да го застапува во градот. Се надеваме дека ќе добиеме доволен број на гласови за да имаме два, три, па дури и пет советници кои ќе можат реално да влијаат врз локалните политики“, изјави носителот на листата Бојан Мишковски.

Тој истакна дека Левица има силна програма која се осврнува на клучните проблеми на Кичево. „Иако сме во 21 век, има места кои немаат канализација, вода за пиење, ниту асфалтирани патишта. Градот се соочува со огромно иселување – резултат на лошите политики и на локално и на централно ниво. Нашата цел е Кичево да заживее и да се создадат основни услови за достоинствен живот. Дополнително ќе вложиме во културата, спортот и секојдневниот живот на кичевчани“, порача Мишковски.

Тој додаде дека програмата на Левица е достапна во дигитална форма на веб-страницата на партијата и повика граѓаните активно да комуницираат со кандидатите. „Отворени сме секој понеделник и среда од 19 часот за сите критики, поплаки или идеи што може да се имплементираат во нашето делување“, нагласи Мишковски.

На новинарско прашање за ставот кон кандидатите за градоначалници, бидејќи Левица во Кичево настапува само со советничка листа, Мишковски одговори: „Левица предизборно не прави коалиции и не поддржува ниту еден кандидат. Ги повикуваме граѓаните да излезат на гласање и да си го искажат своето право, а за кого ќе гласаат е нивна одлука и нивна слобода“.

Генералниот секретар на Левица, Јована Мојсоска, во своето обраќање го претстави носителот на листата Бојан Мишковски како препознатлив активист меѓу кичевчани, кој беше еден од предводниците на протестите против депонијата – „рак рана на Кичево“.

Мојсоска истакна и поширок политички контекст на овие избори. „Ние како опозиција настапуваме во избирачки систем со тоталитарни услови, креирани од една авторитарна власт која не бира методи за да го угуши секој глас. Народот тоа го гледа секојдневно, преку цензурата на Левица, преку противзаконското следење на опозициски пратеници, сè со цел да се спаси рејтингот на една влада која имаше најлош старт во последните 35 години“, нагласи таа.

Таа додаде дека Левица, и покрај црната кампања наметната од власта, води позитивна изборна кампања. „Како парламентарна партија во изминатата година покажавме и докажавме дека имаме предлози и проекти што отстапуваат од сите други партии. Иако поради ароганцијата на власта не беа прифатени во Собранието, убедени сме дека граѓаните ќе го препознаат тоа“, рече Мојсоска.

„Она што ме радува е што Левица ќе има свои претставници во Советот на Општина Кичево. Како што во Собранието ја подигнавме транспарентноста и политичкото делување, истото ќе го направиме и во Советот на Кичево, конечно советниците ќе бидат вистинскиот глас на народот“, порача Мојсоска.