Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, денес ја претстави својата визија за економска независност и еднаквост на жените, мерки произлезени од теренските средби со граѓанките на Чаир.
Според Османи, оваа цел ќе се реализира преку две насоки. Преку отворање на патиштата во институциите и преку создавање на Академија за жени во Чаир, која ќе нуди практични обуки и сертифицирани програми за стекнување занаетчиски и претприемачки вештини.
„Ова веќе го подготвивме како проект што ќе се отвори од општината, и врз основа на законот, ќе се ангажираат обучувачи и во сите можни занаети жените ќе можат да стекнат нови способности и вештини, за оние кои немаат доволни квалификации по неколку месеци да добијат сертификат, диплома со која потоа ќе можат да ги започнат своите мали бизниси, микробизниси во секоја област“, истакна Османи.
Османи најави дека општината ќе обезбеди субвенции и финансиска поддршка за жените кои ќе отворат сопствен бизнис или ќе се вклучат во претприемништво.
„За прашањето на претприемништвото, го создадовме брендот во Старата чаршија, на претприемачките од Старата чаршија, изработен од жените на Чаир, за да ги ангажираме сите тие, особено социјалните категории, кои немаат еднакви можности, да бидат дел и да придонесат кон општеството, но и тие да бидат кориснички на овој придонес“, изјави Османи.
Во рамки на планот, Османи најави и основање на „Клуб на жените на Чаир“, во центарот на општината, кој ќе биде простор за вмрежување, менторство и поддршка.
„Таму жените ќе имаат пристап до финансиско, правно и здравствено образование, ќе се охрабруваат една со друга и ќе ги започнуваат промените што за нив се важни“, рече Османи.
Османи се осврна и на темата на безбедноста и достоинството на жените во јавниот простор.
„Ниту една мајка не смее да го испраќа детето на училиште со страв дали ќе се врати безбедно. Ќе ги обновиме училиштата, ќе ги осветлиме улиците и ќе создадеме безбедни патеки за пешаци, за секоја жена да може слободно да се движи и во вечерните часови“, изјави Османи.
Во делот на социјалните политики, Османи најави формирање на Фондацијата „Раката на Чаир“, преку која ќе се поддржуваат самохраните мајки, жените од ранливи категории, како и стипендии за девојки во STEM области.
„Ќе создадеме фонд што ќе им помогне на самохраните мајки не само за опстанок, туку за развој, школување и претприемништво. Сакам жените од Чаир да можат еден ден да кажат: ‘Јас започнав од Чаир, но светот ми ги отвори вратите“, истакна Османи. Сите овие мерки, додаде Османи, ќе важат за сите жени: Албанки, Турчинки, Бошњачки, Македонки.
На крај, Османи најави јавен систем на отчетност и транспарентност за сите програми и проекти посветени на жените, како и подготовка на првиот Акционен план за жените на Чаир, кој ќе биде изработен заедно со мајки, наставнички и занаетчики.
„Сите овие проекти нема да бидат само ветувања. Следната недела го почнуваме првиот акционен план – документ што ќе произлезе од самите жени и ќе биде темел на сите идни политики на општината“, рече Османи.
Тој се обврза дека секоја жена во општина Чаир ќе има можност, решение и избор да има сопствени финансиски приходи, да ја создаде својата финансиска независност и да не зависи од никого.