Вучиќ: „Ќе има војна! Нашата војска е подготвена“

Точка

03/10/2025

18:49

4.393

Големина на фонт

а а а

„Светот оди кон војна и се плашам дека малкумина можат да ја спречат“, порача денеска претседателот на Србија, Александар Вучиќ, предупредувајќи дека глобалната нестабилност му се заканува на секојдневието на сите граѓани, па и на регионот. Неговата изјава доаѓа во момент кога светот е потресен од бројни конфликти – од војната во Украина, преку тензии на Блискиот Исток, па сè до нови геополитички судири меѓу САД, Русија и Кина.

Вучиќ порача дека би „платил сè на светот“ само за војната да не се случи, но, за жал, сè повеќе е убеден дека е во право. „Ќе мораме да подготвиме и некои работи кои досега не сме ги подготвиле. Нашата војска е подготвена да одбие секој непријател, но ќе мораме да подготвиме и други работи“, изјави тој.


За Србија да биде подготвена за можни кризи, Вучиќ нагласи дека веќе двапати ги зголемил државните резерви на храна. „Двапати ги зголемив сите резерви на храна, и за војската и за резервите преку нашите стоковни резерви, сега повторно ќе барам зголемување“, рече тој, подвлекувајќи ја важноста на сигурноста во снабдувањето во времиња на глобални потреси, пренесува „Telegraf“.

Во контекст на сè почестите нарушувања во синџирите на снабдување – од енергетските кризи, преку недостигот на жито поради војната во Украина, па до растот на цените на горивото и храната – зборовите на Вучиќ предизвикаа особено внимание. Експертите со месеци предупредуваат дека нови глобални конфликти би можеле дополнително да го влошат и онака нестабилниот пазар на храна и енергенси.


Неговиот алармантен говор се случи за време на свеченото отворање на новата брза железничка пруга што ги поврзува Белград и Суботица. Претседателот на инаугурацијата патуваше со возот „Соко“ на оваа делница, истакнувајќи дека пругата претставува голем инфраструктурен исчекор за Србија.

Сепак, и покрај славењето на новиот транспортен проект, изјавите на Вучиќ за „претстојната војна“ целосно ја засенија церемонијата и одекнаа во регионалните и светските медиуми.


Во моментот кога Вучиќ зборува за „подготовки за војна“, светот веќе гори на неколку фронтови. Војната во Украина трае речиси три години без назнаки дека ќе запре. Блискиот Исток останува епицентар на конфликтите, со „Хамас“ и Израел во нов крвав циклус на насилство. Тајван и Јужнокинеското Море стануваат сè поголема закана за глобалниот мир поради тензии меѓу Кина и САД, додека Европа бележи сè поизразени поделби во рамките на НАТО алијансата.