Со 43 штеки цигари тројца наши државјани сакале да летаат за Лондон, Царината им ги заплени

Макфакс

03/10/2025

16:18

237

Големина на фонт

а а а

Тројца македонски државјани се фатени на Меѓународниот аеродром Скопје со 43 штеки цигари, дел со, а дел без акцизни маркици, сокриени во нивните куфери. Цигарите биле откриени при контрола со рентген, непосредно пред патниците да се качат на лет за Лондон.

Ова е само дел од серијата заплени што Царинската управа ги изврши во текот на изминатата недела, при засилени контроли на граничните премини и терминали низ државата.

Запленети се 15.603 литри средство за стакла за возила откриени на граничниот премин Блаце, во камион на влез во државата, без да бидат пријавени во царинските документи.

410 пара патики со ознаки на заштитена трговска марка се задржани на излез од државата, поради сомневање за фалсификат. Стоката потекнува од Турција и била наменета за фирма од Косово.

Во два случаи на граничниот премин Табановце се откриени 23 автоделови меѓу кои употребувани гуми, алуминиумски бандажи, вентилатори и ремени за товарни возила.

39.5 килограми кафе се пронајдени во автобус на влез во државата, спакувани во 36 пакувања по 1 килограм и 14 пакувања по 250 грама.

Во кабина на камион во пределот на горниот кревет се откриени и запленети 69 парчиња облека односно дуксери, панталони, маици, фармерки и тренерки.

Цариниците открија и два користени велосипеди во багажник на автомобил на Табановце, 44 кружни ножеви за циркуларна пила се најдени во автобус под седиштата на патниците, а на граничниот премин Делчево се запленети бугарски регистарски таблици и сообраќајни дозволи за возило кое било раходувано и без платени давачки.

Царинската управа информира дека мобилните тимови и службениците од граничните царински испостави откриле и спречиле повеќе прекршочни дела, и најавуваат продолжување на засилените контроли.

Институцијата апелира до граѓаните и фирмите да ги почитуваат законските прописи при увоз, извоз и транспорт на стока, со цел да се заштити економскиот систем и јавната безбедност.