Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица за семејно насилство. Едниот случај е во Ѓорче Петров, каде осомничениот ја тепал и ја давел вонбрачната партнерка по што таа паднала во несвест, а другиот случај е во Мирковци каде осомничениот ја тепал поранешната сопруга со тупаници.
На 25 септември, во семејниот дом во Ѓорче Петров, при вршење семејно насилство, осомничениот телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка. Физички ја нападнал оштетената, удирајќи ја со тупаници, шлаканици и клоци во пределот на главата и целото тело, па во еден момент почнал да ја дави. Оштетената изгубила свест и и биле нанесени повеќе телесни повреди.
Против друг осомничен, поведена е постапка за истото кривично дело, бидејќи вршел семејно насилство на 1 октомври во селото Мирковци, каде телесно ја повредил неговата поранешна брачна партнерка. Откако дошол во домот и ја известил поранешната сопруга дека решил да остане таму, таа го замолила да си замине. Но, тој одбил, по што почнал физички да ја напаѓа, влечејќи и тегнејќи ја за рацете, удирајќи и тупаници, од кои удари оштетената се здобила со повреди.
Во двата случаи, јавниот обвинител предложи на судијата на претходна постапка да определи мерка притвор за осомничените, поради околности кои укажуваат на опасност од бегство.